“Колку се љубиме ти и јас?”
“Колку се љубиме ти и јас?”
ете така знаеш да ме прашаш
а јас некогаш и не знам што да ти кажам
освен можеби…
во твоето ТИ колку што ќе ме видиш
како коренчиња пуштам
во моето ЈАС колку што семе си посеал
за да ми никне љубовта
онолку колку што срцето ти забрзува
мојата песна кога ќе ја чуеш
дур бесцелно возиш
а во автомобилот ти трешти
радио станица на која ниту името и’ го знаеш
онолку колку што здивот ти запира
кога непозната црвенокоса погледот ќе ти го зароби
па во неа мене ме бараш
или можеби онолку
колку што душата ќе ти се стегне
дур во моите стихови се читаш
кој би знаел…
дали може некој да измери
колку се љубиме ти и јас
кога секоја блискост ко војна ни е
и зад лошите зборови цвилиме како песови
барајќи нежност дур опашките меѓу нозе
покорно ни седат
дур седиме еден до друг
а меѓу тие неколку сантиметри што не’ делат
универзуми врват без да се допреме
ете не знам
мудра не сум
не знам да ти кажам колку се љубиме
само знам дека единица мерка за пекол
твоето отсуство ми е
и ми вие во градиве како провев да имам
дека телово како напуштено огниште ми е
а мислите како прозорци без ќепенци
дека душава како покрив полн дупки
низ кој прокиснува
и еве гледај, во срцево како ми капе
и не знам
не знам колку се љубиме
ниту знам колку еден за друг сме
или дали е ова само една обична илузија
со која животот ни се потсмева
само знам дека како во стапица фатена сум
и не мрдам
ниту лево, ниту десно одам
само стојам
и се прашувам
колку се љубиме….колку се љубиме ти и јас?