Како аманет
Те сонував сношти
со мноштво бои околу
како на платно разлеани
со шаренило кое ме умори
во кое тешко те распознавав
натопени воздишки во врева
небаре сите звуци на светов
во сонот ги собрав
те сонував сношти
насмеан и весел
со чаша вино
бело вино на усните
и црн сјај во очите
небаре зениците ти се разлеале
та во нив се огледував
себе и мојот копнеж по тебе
те сонував сношти
како нозете ми ги топлиш
дур во рацеве сета зима ми се собрала
па на прозорецот со мраз ти цртав
и се смеевме
како деца се кикотевме
дур стихови замрзнати ти редев
од прстиве кои уште не можам да ги згреам
те сонував сношти
телата во вода ни беа
нозете мои околу твојата половина
ти во мене
а јас навалена дур косата ми лебдеше
на површината од водата
и со секое твое продирање
водата црвена стануваше
те сонував сношти
иако со денови не спијам
здивот на вратот
допирот на градиве
стисокот твој на образите
забите на стомакот
тежината од телото твое
врз душава ми дишеше
те сонував сношти
како ми шепотиш
за љубовта како ми раскажуваш
како семе во мене оставаш
и од семето плод ми се разгранува
како стогодишно дрво
како спомен
како аманет
за покрај тебе и јас да заспијам