ННГ – Некои Нови Граѓани

Шо праиме бе, браќа Скопјани?
Знам дека сме малку, ама не има ВО СКОПЈЕ, градот што некогаш беше наш, кого се уште неизмерно го сакаме.
Да, некогаш…
…кога се знаеја скопските семејства, кога постоеше некој друг етички систем, кога домашното воспитание беше “Оче наш”, кога учителките беа закон, кога истите ни доаѓаа дома на локум и на кафе, кога имаше часови по физичко, кога одевме по екскурзии во Сарај, кога во школо носевме ужинки, кога истите ги делевме со нашите незаборавни другари, другарки, симпатии, кога читавме “Кекец”, кога паѓавме у несвест на утакмиците на Вардар у парк, на незаборавните неделни попладниња и радиопреносите од сојузната фудбалска лига, па одевме на ќебап во Идадија, Кермес, Езерце, на првата пролетна “мимоза” со мастика кај урбаната легенда Славе Биљбиљ у “Тениско”, па кај ненадминатиот шармер и шмекер Баце Крап во старото бифе на “Драмски”, кога купувавме патики строго во “Словенијаспорт”, фармерки во Солун, па после и во “Клуб 77″, „Лондза”, кога лижевме сладолед “Ескимо” на стапче, кога носевме цвикери “социјалки” од “Геталдус” на рецепт, кога џвакавме “рин-тин-тин” и “базука Џо” мастики, па ја градевме (како кој) смислата за хумор врз ненадмашните стрипови “Алан Форд” исклључиво на хрватски пријевод, кога игравме џамлии, народан, долга магарица, фота, собиравме сликици “Ото-Мото”, кога имаше само еден Дедо Мраз, кога неделниот ручек беше светиња…
И, ај да не обесувам многу, зашто ми е тешко на скопскава душичка (од човека).
Ми се плаче, црни мисли ме морат, ова веќе не се трпи.
Скопје веќе го нема, скопјаните ги избуткаа по драчева, пинтии, аеродроми, голи гузици, нови лисича…
Луѓе, ова е класична инвазија на Новиот Градски Поредок, победа на миграцијата село-град, но, ако ја добија битката, ние никако нема да им дозволиме да стасаат и до конечниот триумф во генералниот пласман.
А, бе, не можам да сфатам што ги тера тешкиве граѓани, директ од опинок, своите нозе да ги втераат во тесна ципела и–правац Водно.
Ни мање, ни више.
Ако на времето Џока Балашевиќ пееше за “некои нови клинци”, скопјаните ќе треба да испеат антихимна за Некои Нови Граѓани и за нивната страотна опсада и инвазија на Водно.
Што мајка бараат на планинчево наше и така загадено?
Страшниот проблем е тоа што ННГ никогаш нема да сфатат (не можат) дека со тоа што се населија во Скопје и на Водно, не ќе ги загубат градските навики.
Тие, не се перат ни со шмрк, камо ли со “џакузи” и во “базенти”.
Не ги вадат ни кожни гаќи, ни гувернанти, ни тениси, ни масажи, ни сауни, маникирки/педикирки, ни концерти, ни џезови, ни филмови, ни претстави, кога аплаудираат сред изведба, ждригаат (не намерно, тоа организмот си работи), се клештат неартикулирано, испуштаат некакви изненадни јауци (по прејадување), како некој да им акнал бокс у плексус, се прскаат со парфеми секој ден, а се бањаат строго во сабота на евтина струја, се такмичат у гаѓање со кеси ѓубре одозгора… и така.
(Посетено 2.963 пати, 1 денес)

Поврзани Статии

Оставете одговор

*