15 Ноември

Овие стихови се напишани на денешен ден пред точно 22 години,
во болницата што ги има истите иницијали како и Брижит Бардо

igor-deveesti_majkatiitatkoti

15 Ноември

Колку тага имаше во тој последен дупли шток, испиен во Аеро-клубот, тој 15-ти Ноември, на исфлеканиот шанк со вчерашен весник.
Колку рани, солзи и соби студени.
Колку лаги и утра предвреме разбудени.
Колку ефтини смешки, вистина фрлена на плешки,
и безброј, безброј глупави грешки…

Колку ризик имаше во тој последен дупли шток, испиен во Аеро-клубот, тој 15-ти Ноември. на исфлеканиот шанк со вчерашен весник.
Кибицери околу масата со вратови на ноеви, и 36 црвено-црни погрешни броеви.
Само една карта и животот е среден.
По секоја пијачка, се повеќе сум жеден.
Со пари на кредит, резултатот е беден.
Јас дваесет, таа дваесет и еден…

Колку жени имаше во тој последен дупли шток, испиен во Аеро-клубот, тој 15-ти Ноември, на исфлеканиот шанк со вчерашен весник.
Колку туѓи, невини, оставени.
Колку тажни и лажно претставени.
Со души погани, перверзни, долни, очи со отров на анаконда полни.
Мозоци со фантазии болни…и уште еднаш долни, многу долни.

Колку песни имаше во тој последен дупли шток, испиен во Аеро-клубот, тој 15-ти  ноември, на исфлеканиот шанк со вчерашен весник.
Колку платени и преплатени.
Колку онака…по нарачка пратени.
Колку раштимани клавири и комшиски гитари, и крв на моите прсти од жиците стари.
Надвор зора, новиот ден низ прозорец ѕирка.
А за мене не важи она: “колку пари, толку свирка.“

Колку тебе те имаше во тој последен дупли шток, испиен во Аеро-клубот, тој 15-ти Ноември, на исфлеканиот шанк со вчерашен весник.
Твојата жестокост и твојата смиреност.
Твојата горчина и твојата добрина,
Твојот страв и твојата надеж.
И глаголот САКАМ, во деветнаесетти падеж.

До смрт заедно да го менуваме…

Посетено 12.477 пати (1 денес)