Зошто не ги бројам деновите во изолација, ниту се замарам со карантинот?

Добро утро,

Апропо целата „еуфорија“ со коронавирусот, решив да ѝ посветам малку внимание и да го опишам мојот „карантин“.

Читам статуси секојдневно како ги опишуваат деновите, како се здосадуваат, како не можат да издржат. Анксиозноста и темите околу неа се особено актуелни во последно време… како дотогаш да била во некаква сенка. Но, секако ми годи да слушнам за својата состојба со која се борам 20 години.

И токму поради неа, мојата интровернтост ми дозволува овој „затвор“ да го доживеам како благодат. Најпрвин ме зближи уште повеќе со мајка ми, таа е ослободена од работа поради својата хронична опструктивна белодробна болест или ХОББ, а јас работам од дома.

Дури, некогаш и немам доволно време да се здосадувам. Работа има, муабети недокажани еден куп, емисиите и сериите се секојдневние. На што да се жалам?

Нит ги бројам деновите, искачам само до продавница (досега бев два пати, евентуално денес ќе биде трет пат), отидов само на карантински роденден кај либето и тоа е се’. Но, се чувствувам како да сум вчера ставена во изолација, освен што ми недостига тој…

Благодат е да си во сопствениот храм каде си прифатен и сакан. Благодат е да бидеш меѓу луѓе кои те сакаат, а не се преправаат дека е така. Благодат е да слушаш муабети кои ќе ти фалат за децении од сега, наместо да слушаш трачеви. Благодат е да уживаш со семејството, знаејќи дека за жал еден ден на овие моменти ќе им дојде крајот… особено откако ќе се омажам, свесна сум дека повеќе и да сакам нема да биде како порано.

Но… не сакам ни да помислам за децении од сега.

Благодат е да ги искористиш овие моменти и да се зближиш со саканите. И кога го извлекуваш максимумот од „карантинот“, тогаш целосно ќе го занемариш. Ако не мислиш на паниката и не си создаваш страв од непостоечки теории на заговор и што поскоро ја прифатиш вистината дека надвор владее невидлив непријател кој се вгнездува и не бира и е вирус ко вирус, тогаш полесно ќе го пребродиш.

Стравот, паниката, клаустрофобијата, анксиозноста се најголеми сојузници меѓу себе. И колку полесно ќе потклекнеш, толку тебе ќе ти биде потешко.

#СедиДома и не секирај се… што и да е, ќе помине…

*свесна сум за оние кои одат на работа и својот живот го ставаат во ризик, не мора да пишувате по коментари, поединечно браво и наклон за сите од вас, без разлика во која сфера се наоѓате. Јас ја имам таа среќа да работам од дома и вон ваквите околности и тоа ме прави најсреќната личност на светот, но само пред година и пол дена ја делев истата судбина со повеќето. Но, после работа сите можете да останете во своите домови… искористете ги овие бесценети моменти! Навистина се драгоцени!

Марија Прличкова

Посетено 1.572 пати