ЖЕНИ, ОСВЕСТЕТЕ СЕ! Секоја од вас може да стане потенцијална жртва на насилство! „Лошите“ момци не ви требаат!

Нема личност која утринава не го виде видеото кое е крајно вознемирувачко и буди непријатно чувство кај секого од нас поединечно, без разлика дали се работи за маж или жена.

Иако насловот алудира на жените, сепак и мажите треба да внимаваат со кого спијат. Има и жени кои ќе наместат апсолутно за без причина, но сега навистина не е време ни место за тоа.

Темата се жените, бидејќи поради неколку причини важат за понежниот пол… а после се’ испаѓа дека се сепак посилниот.

Нема да зборувам за видеото, ниту за жртвата, ниту за насилниците. Верувам во правдата и сигурна сум дека и двајцата ќе си го добијат своето на овој или оној начин, од Господа или од МВР, или од некој трет.

Ќе зборувам за бројните коментари кои ги прочитав. Со повеќето од нив се сложувам, но со некои делумно или воопшто.

Некои кажаа: „Жал ме стрефи, и таа е нечие дете“. А бе и ничие да е, душа носи, што би рекла мајка ми. Маче, куче од улица не заслужува ваков третман, а не па човек, девојче. Дали е воопшто полнолетна се прашувам.

Дури велат: „Лажела дека е бремена, не дека ги оправдувам АМА..“ Ако лажела носи еден грев, ама да ја малтретираш и злоставуваш на овој начин поради нејзиниот наводен грев, тогаш ти носиш 101 грев на плеќите. А, што ако не лажела и е навистина бремена? Што тогаш?

Трети велат дека правдата треба да се земе во свои раце, но на крајот ти ќе одговараш како и секогаш.

Четврти се категорични дека за нив треба бесилка, хемиска кастрација.

И можам да заблежам дека сите ама буквално сите, без разлика во која „категорија“ спаѓаат… се огорчени и згроезени од овој чин. Млади, стари, жени, мажи… сите до еден. И се надевам дека истите тие нема го практикуваат насилството и дека доколку забележат соодветно ќе одговорат на него. Дека нема да дозволат уште една жена, девојка, девојче… да страда.

Жени, освестете се! „ЛОШИТЕ“ момци под ОГРОМНИ НАВОДНИЦИ сакаат да бидат лоши со причина. Не бидете токму ВИЕ таа причина. Едноставно не ви требаат таквите. Нека се гонат. Се надевам дека ниту една друга нема да ги погледне ваквите насилници, а камоли да се омажи. Можете ли да замислите каков брак би ја очекувало некоја девојка со некој ваков? Можете ли да замислите какво семејство би изградила некоја со некој ваков?

Лошите момци НИКОГАШ ама баш НИКОГАШ не биле во мода. Бунтовниците без причина кои се џентламени кон својата дама, а сурови кон сите оние неправедници… се веќе нешто…

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 2.841 пати