ТОЈ (Четирите страни на приказната) – Прв дел

Авторот на оваа неверојатна приказна е анонимен. Целосно сокриен од лицето на јавноста. Но, неговата приказна, е вистинска.

Ќе се сретнете со четири страни, четири различни погледи и аспекти, четири ликови, а само една вистина. Ова е нивната навидум сосема обична приказна…

ТОЈ

„Немам јас некоја приказна за раскажување“ – ми вели.

„Да беше вредно за раскажување немаше да заврши толку трагично.“

Нервозно ја гасне цигарата.

Молчиме и двајцата.

„Да не беше вредно за раскажување немаше да побарам да ми раскажеш“ – му велам јас.

„Тогаш, те молам да не ме прекинуваш… Знаеш ли зошто половина од денешниве бракови не успеваат? Заради неспремност. Заради неизживеаност. Заради недоволна храброст да се соочат со обврските од институцијата наречена брак. Заради желбата за авантура, за нешто ново. Заради неискреност кон себе и кон оној со кој си у брак. Мојот брак на сите им изгледа како успешен. Освен на мене и на жена ми. И на неа… Таа веднаш примети дека нешто не е во ред меѓу мене и жена ми. Ваљда дека и самата е дел од брак кој е совршен за надворешниот свет, а трул во сржта. Ме препозна, ми ја препозна живоста во очите што велеше дека сеуште сакам авантури. Или јас ја препознав таа живост во неа. Не знам… Не се сеќавам точно како започна. Од запознавање во работни околности, преку додавање за пријател во социјалните мрежи, случајни или намерни допишувања до доцна во ноќта. Кога се јавија првите искри? Не знам. Можда у моментот кога се ракував со неа за да се претставам. Можда у оној момент коа ме прифати на социјалната мрежа. Или можда во оние допишувања во доцните ноќни часови. Не знам, можда и на првиот договорен состанок. Во брак сум 5 години. Жена ми… абе не дека не ја сакам, ја почитувам и сето тоа, мајка е на моите деца, ама тоа не беше брак после долга врска во која би се запознале ние двајца добро, тоа беше брак од зорт, она малолетна, трудна, јас син единец да не ја обрукам фамилијата. Се запознавме, и се земавме во рок од 8 месеци. На свадбата беше 5ти месец трудна, па сеа ти види колку сум ја знаел. И не ни мислев ниту сакав толку млад да се женам. Не бев изживеан. А и уште не сум. И не, не ја сакам, само ја почитувам. Неа ја сакам. Не знам кога ја засакав и кога ми влезе под кожа. Знам само дека на првиот договорен состанок не знаев како да се понашам. Сум забораил да флертувам, дрндав безпотребно, зборував за некои небитни работи и случувања во мојот живот шо ни жена ми не ги знае. И после пола саат она мораше да си оди. На тргнување ми рече: јак си на социјална мрежа ама изгледа немаш доволно храброст во живо. Се сврте и отиде, без да се сврти назад. Шо напраи бе идиоте, си велев у себе. Нели сакаше да ја легнеш а не успеа ни да ја бациш. Глуп еден. Возев накај дома и си мислев, мора да и пишам и да и договорам следна средба уште утре. Да не биде дека сум јак само на зборови а не на дела. Ме испровоцира. А си мислев ќе ме одбие, ама ми даде уште една шанса. Втор состанок. Во кола далеку од градот. Не зборував. Паркирав, ја изгаснав колата и тргнав да ја бацам. Или се или ништо си реков. И бидна се…“

Тука замолче и повторно запали цигара.

„Нема да ти раскажувам за нашиот секс. Тоа се спомени кои ако ги раскажам ќе ги снема. Само ќе кажам вака- знаеше да даде се, без да побара ништо за возврат, знаеше да љуби, да води љубов, да биде жестока кучка и нежна вила. Знаеше да ме дигне до седмото небо и долго, долго да ме држи таму. А ми велеше дека исто се чувствува и она. Почнаа да се редат состаноци. Трет, четврти, пети… Прво на неколку дена, кога можев безбедно да се искрадам од дома без да се сомнева жена ми, но исто мораше да се крие и она. Мажена, две деца, исто ко ја. После почнавме да се гледаме секоја втора вечер. Па наоѓавме изговори да се сретнеме на поминување само да се насмееме еден на друг. Па почнавме да се гледаме секој ден и да крадеме макар 15 минути од светот за да бидеме сами на кратко. Колку пати ја чекав да заврши со работа, да помине до нашето место и да застане на пола минута, само да ја гушнам, да ја помилувам по косата, да го вдишам мирисот на нејзината кожа и да ја пуштам да замине. А требаше да биде само авантура. И требаше да се деси само еднаш. Евентуално двапати. Така си реков на себе кога решив да и понудам да се видиме. Така викаше адреналинот у мене и желбата да пробам забрането овошје. И, се заљубив у пичку матер…

(Продолжува…)

Посетено 378 пати