Тивка љубов, срце рони


Ти што сакаш некого, а го немаш, молчи си, тивка вода, брег рони, остави да се изрони тој брег помеѓу вас, можеби тогаш ќе собереш храброст да испливаш до него.

Ти што сакаш некого, а го немаш, не се ни обидуваш да го добиеш, седи мирен и молчи, можеби некогаш судбината ќе ве спои.

Но, судбината знаеш не постои, што значи никогаш нема да бидете заедно.

Секако доколку верувате во судбина, но доколку верувате во себеси ќе бидете со вашата сакана или вашиот сакан и тоа како.

Вие ќе ја кроите судбината, вашата заедничка, само доколку одлучите да го повишите тонот на гласот и да викнете Те сакам.

“Да, тебе те сакам, баш тебе, поради сите твои особини, дури и мани кои не ми се допаѓаа, но сега ги обожувам.

Те сакам тебе бидејќи не умеам поинаку, те сакам бидејќи си најсовршената личност во светот, те сакам бидејќи сакам да те сакам!

Те сакам тебе бидејќи, бидејќи, бидејќи…

Не знам зошто, љубовта е кога сакаш некого, а не знаеш зошто, знаеш?

Се обидувам некако да дефинирам љубов, но не успевам. Кога ќе изустам љубов, се потсетувам на тебе, зарем е тоа љубов?

Кога ќе те видам нозете ми шантаат, зарем тоа е љубов?

Кога ќе те видам како гледаш во мене, се вцрвенувам, зарем тоа е љубов?

Кога ќе се потсетам на твојата насмевка која е една и единствена, се насмевнувам, но повторно се растажувам бидејќи не можам да ја гледам постојано, секој ден, до последниот мој ден.

Кога ќе се потсетам на твојот поглед се губам во него гледајќи се во sид како лудак.

Зарем тоа е љубов?

Љубов ли е тоа што не можам да дишам без тебе, не сакам да дишам без тебе, но морам.

Утеха ми е тоа што дишеме барем ист воздух, те мирисам иако не си блиску, душата ти ја мирисам.

Ме потсетува на наврнат асвалт во летна жешка вечер, испарува заедно со нашата пуста желба да бидеме заедно.

Но, нека…Јас пак си чекам судбината да ме доведе до тебе, можеби некогаш ќе се најдеме во дом за старци, ќе те видам така збрчкана и стара, ќе те препознам по насмевката, ќе те прашам дали сакаш да танцуваме.

Ќе ми дојдеш во прегратки, ќе го фрлам бастунот и ќе те прегрнам, иако нема да можам да стојам на нозе, ќе се потпирам на тебе, ти ќе се потпираш на мене и така на тој ден ќе и се заблагодарам на судбината што ме доведе до тебе, не знаејќи дека таа судбина била мојата пуста желба да те љубам.

Не знаејќи дека можев да те љубам само доколку се потрудев да те добијам.

Ете тогаш ќе се премислам и ќе ја проколнам судбината, односно себеси што бев тивок.

Но, не сакам да ми се случи сето ова, затоа денес ќе ти кажам дека те сакам и ги охрабрувам секој кој сака некој да го направи истото.”

Тивка вода, брег рони, како што рекле старите, но луѓе запомнете дека тивка љубов, срце рони, не чекајте да остарите за да го сфатите тоа!

Љубете сега, веднаш, бидејќи шансата да го сретнете тој што го сакате некогаш во старски дом е како судбината, не постои.

Посетено 14.149 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!