Понекогаш треба да започнеме нова тетратка, но и да ја зачуваме старата – Калина Коси

Животни приказни

Деновиве во животот поминав една од најтешките раскрсници и донесов една од најтешките одлуки.

Се чувствував како мало девојче пред кое стои тетратка испишана скоро па докрај. Нејзината омилена. Некогаш била тетратката од соништата која целиот свој живот ја барала.

Во неа останала уште петтина од листовите празна. Остатокот е испишан во густи навезени редови. Нанижани зборови во животни приказни. Една глава од животот за паметење, но недовршена до крај.

Малку ѝ е криво при помислата дека ќе остане таква. Можеа празните листови уште неколку приказни да соберат. Исто толку вредни за паметење, ако не и повеќе.

Ама девојчето е веќе нетрпеливо. Свесна е дека тетратката е излитена на ќошевите, изгужвана во листовите. Го нема истиот сјај. Или самата таа го нема? Веќе не ја гледа со истите очи.

Не, нема да биде доволно, а таа нема да биде задоволна, ако само сврти нова страница од неа, како многу пати претходно.

Овој пат не.

Затоа посегна по тетратката до неа. Ганц нова, блескава, сјајна, привлечна. Ја отвори, а во неа послани меки, празни, неизгужвани листови. Ја мамеа да ги почувствува, да ги допре, да го земе пенкалото и да почне да пишува од почеток, сосем нова приказна.

Тоа и го направи.

Ја избра новата тетратка. Внимателно, полека, со најубавите можни букви го испиша своето име на предната страница. И насловот на новата, сеуште неиспишана глава од животот…

Старата тетратка не ја фрли. Ја сочува. Можеби ќе ѝ затреба некогаш.

Да се потсети на некоја важна животна формула кога ќе ја подзаборави, на некои важни животни приказни кога ќе ѝ избледеат во сеќавањата, на постапките на некои важни луѓе од минатото кога ќе го избира нивното место во сегашноста…

Калина Коси

Посетено 373 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!