Ноќта

Со ноќи ме чека ноќта,
мојата стара другарка.
Од кога те нема? – се чуди.
Те преспивав за да те избегнам
зашто премногу те сакам.
Опасница си ти, непредвидлива
кога си видлива.
Сум те сонувал безброј пати
во сништа поцрни и од тебе.
Сто пати сум си враќал филмчиња
развиени во твојата темна комора.
Толку убавини, љубови, глупости…
Не си свесна колку утра ми имаш
ускратено,
колку жртви ти имам принесено,
колку мои брчки го носат твоето име.
Не сум веќе млад да ти парирам.
Што ќе сум ти?
Има милијарди клинци што ти ја даруваат
младоста за да останеш вечно млада.
Стареам, порано си легнувам и сè
порано станувам,
и кај и да е, ќе почнам да се будам
кога ќе бидеш на заминување.
Ќе ти мавнам, ќе ти пратам бакнеж
и ќе ти посакам среќен пат!
Најубава си ми кога си
од другата страна
на планетава.

Посетено 353 пати