Неписмен
Неписмен сум јас, бебенце
Неписмен сум како новороденче
А ги гледам луѓето, упорно читаат
толкуваат, цитираат некого
и се гордеат што знаат многу цитати
Па важно вртат со главите
и гледаат на другите со потсмев
Велат – „пфф, земја е простиов народ“
се гадат од работникот
на просјакот му даваат ситни пари
но со големи гести
А јас ете, си останав неписмен бебенце,
работам заедно со работникот
пијам од неговата чаша
јадам од неговата чинија
се смеам на неговите вицови
просам заедно со просјакот
мрзнеме заедно на минус дваесет
не тепаат студови и ветришта
а ние и понатаму си просиме
тој за некоја паричка
а јас за малку среќа просам
се чудат луѓето кога им велам
не фала госпоѓо, имам пари
насмевнете ми се
прегрнете ме
изустете некој убав збор
за тоа просам јас,
не за пари.
Останав јас неписмен бебенце…
Не се научив да пишувам
како некои од писмениве
не се научив да ставам
некои важни и големи зборови
во моите песни
туку, се така
место зборови,
кал си редам
крв си редам
пот си редам
воздишки си редам
дека останав неписмен, бебенце
ете затоа.