Неговата сопруга (Четирите страни на приказната)
Откако ТОЈ ја раскажа првата половина од својата приказна, дојде на ред и приказната на неговата сопруга…
“Да можам да ги менувам одлуките во минатото, дали би сменила нешто? Многупати си го поставував ова прашање и речиси секогаш одговорот беше ДА. Не се каам што се заљубив во него. Иако неколку години постар од мене, а јас средношколка во трета година. Кој не би се заљубил во него? Сите девојки лудуваа по него, а тој реши да биде со мене. Или сакаше само да ме легне, не очекувајќи дека еден секс ќе му ги смени плановите за иднината. Дека од предсемената течност ќе забренам. А се случи само еднаш… Ми ја одзема невиноста. Бев преплашена и малолетна. Му кажав дека сум бремена, а тој нејќеше ни да чуе… Кажав на мајка ми. Таа кажа на татко ми. Татко ми ги најде неговите. А неговите… го натераа да се земеме. Јас го сакав и го сакам. Иако знаев за секое негово неверство. Жена сум, а жената ги препознава тие работи. И секогаш молчев… бидејќи немав друго решение. Никогаш не мирисаше на туѓ женски парфем. Никогаш не најдов траги од кармин на неговата облека. Тој мислеше дека се крие, ама погледот го издаваше. Во деновите кога не ме изневеруваше, тој повторно не беше дома. Беше надвор по кафичи и кафеани, со другари, колеги… и речиси никогаш не се вратил трезен дома.”
Вака ја започнува приказната неговата сопруга, со заматени очи полни солзи, раце кои се тресат од нервоза. Ги крши прстите и се труди да остане смирена. Ама движењата ја издаваат. Гласот ја издава.
“Ме тешеше помислата дека без разлика што скита по цели денови, на крајот пак си доаѓа дома. Си велев, во мене наоѓа утеха, прибежиште и спокој. Ќе му помине периодот на лудување и ќе имаме спокој во домот. Но не поминуваше. Откако се роди нашето прво дете, уште поретко се случуваше да биде цело попладне со нас дома. А водевме љубов често, како ништо да не се случува. Тие трошки што ми ги даваше во ноќите беа тоа што ме хранеше и што ми даваше сила да издржам и да пробам да го зачувам бракот. Дури и, откако дознав дека повторно сум бремена одбив да абортирам. Тоа дете е плод на нашата љубов си велев. Можеби со второто дете ќе се смири. И едно време се се смири. Додека не се појави таа во неговиот живот. Овојпат беше поинаку од сите други претходни. Скриен телефон, допишувања до доцна во ноќта кога мислеше дека спијам. Доаѓања доцна дома, мирис на туѓ женски парфем, убав, префинет мирис. И по некое залутано светло долго влакно на неговата облека. Во нашата кола. Почна да биде се повеќе отсутен од дома. Почнавме поретко да водиме љубов. Не, не е таа виновна. Виновен е тој. Тој не знае да го чува домот, да не чува мене и децата. Тој сака авантури. Таа можеби и не знае дека тој е женет и дека има деца. Со часови знаев да седам пред огледалото, да го испитувам моето тело и моето лице, да се прашувам дали е поубава од мене? Дали е попаметна од мене? Со што успеа да го заведе за повторно да и се враќа за разлика од другите пред неа? Сакав да им раскажам на сите, но немав никакви докази. Неговата мајка ми велеше-пушти го ќерко, ќе му поминат бубачките… Ама овојпат не му поминуваа. Чувствував дека го губам и не знаев како да го задржам. А морав да најдам начин…”