Ми мирисаш на дожд во лето

Газам по жежок асфалт, за момент се бунам, како да газам по твоето срце. Ти го гмечам со ѓонот од штиклата, годејќи ја секоја капка крв во него, на начин на кој ја годам секоја капка дожд на асфалтот.


Ми мириса на свежо, труло, нестандардно, неприродно, ми мириса на тебе.

Се вртам за секој случај да не си зад мене, нема никој само асфалт кој чади под моите стапала на начин на кој твојот здив чадеше за мене.

Ми мириса на дупки, ми мириса на твоите дупки во мозокот, клапнуваат во ѓонот како што мојот јазик клапнуваше во твојата уста.

Те дупам на здрав мозок, сепак се измиваш од летниот дожд кој ги мие и моите штикли, сета рѓа и гнасотија тече во шахтите на животот или асфалтот, оди во канализацијата кај стаорците.

Тие ја сакаат, им се допаѓа, но ајде да не им го правиме ќеифот повеќе?

Ти го поставувам прашањето, реторичко неодговорено, во истиот момент престанува да врни.

Знак си помислувам, телепатија, те гледам како доаѓаш чекорејќи кон мене, асфалтот чади зад тебе, како што мојот здив чадеше за тебе.

Газиш на него бос, како што тоа го правеше врз мојата душа, бос.

Те гледам и ти се чудам, ме поминуваш, ме заминуваш. Си викам го застана дождот, зарем имаш сила се уште да ми го застанеш срцето.

Продолжувам да чекорам на асфалтот газејќи ги твоите дупки, ти ми ја газиш душата се уште бос, си викам како ли издржува на тој жежок асфалт.

За момент повторно почна да роси, тогаш го добив мојот одговор.

Ти си тој што го тераш небото да роси за да можеш да си ги изладиш стапалата, а мене да ме потсетиш на тебе.

Знаеш дека ми мирисаш на дожд во лето!

Посетено 1.847 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!