Мамо

„Боже… само да зачука уште едно мало срценце во мене. Се ќе сториме Боже. Се ќе сториме за една малечка ѕвездичка од Твоето царство. Еве, ако треба и онаа најмалечката. Ние ќе ја пораснеме потоа. Ќе ја храниме со љубов и ќе порасне. Една ѕвездичка Татко. А ти ги имаш многу. Што е тоа за тебе?“ – деноноќно повторуваат едни побледени усни. Дали бараат премногу?

bebe-oci

„Мамо“ е веројатно еден од најубавите звуци што постојат. Посебно кога се кажани за прв пат. Посебно кога се кажани од една мала устичка. Посебно кога се проследени со мали рачиња замотани околу вратот на мајката. Посебно кога се проследени со еден поглед кој значи „ти си целиот мој свет“. Знаете, децата кога се многу малечки знаат една посебна вештина – кажување многу нешта со малку зборови. Најчесто со еден или два. Остатокот го кажуваат со таа нивна заслепувачка насмевка од која се топи и најцврстиот челик. Да, зборчето „мамо“ е магично и за тој што го изговара и за таа што го слуша. Тоа означува една трајна, доживотна конекција. Пријателство од најдлабок вид. Врска која за жал, понекогаш се сфаќа здраво за готово. Како потомстото да е загарантирано право на секој брачен пар. Би требало да е така но, за жал не секогаш. Пробајте да си ги замислите сите тие празни утроби кои копнеат да се исполнат со живот. Сите оние ноќи поминати во молитви. Сите оние солзи во вид на зборови упатени до Творецот.

Пробајте да ги замислите сите оние ветувања од доктори и клиники. Сите оние скапи медицински третмани. Сите оние немоќни слегнувања со рамената на медицинскиот персонал кога и покрај се, тестот ќе излезе негативен. Но кога во жената се буди мајка, не постои НЕ како одговор. Нема препрека, нема непревртено камче. Кога во жената вреска мајка, не постои невозможно. Таа е посилна од сите немоќни слегнувања со рамена. Кога во жената вреска мајка, таа го грабнува небото и силно го затресува. И понекогаш, една од оние најмалечките намигнувачки ѕвездички ќе се откачи од небото и ќе падне на мешето на таа очајна душа за да ја утеши. Да и надомести за сите болки и страдања додека траеше долгогодишната борба. Во наредните девет месеци, малечката ѕвездичка ќе добие специјални алатки за бришење тага, наречени – очи. Да. Чудна е таа моќ. Загледај се неколку секунди во тие очиња, и ќе почувствуваш како некоја чудна сила ти ги брише сите црнила од душата. Од тогаш, работите стануваат многу сериозни. Се чувствуваш дека секој момент срцето ќе ти препукне од преголема среќа. Се осеќаш дека душата толку ти се преполнува, што ти требаат уште неколку резервни души за да можеш да претураш во нив. Твоето мало чудо те гледа право во очи. И тогаш сфаќаш – и ти си за него чудо. Чудо што знае точно што му треба и точно во право време му го дава тоа. Чудо што знае кога му се папка, кога му се гали, и кога да му ја смени пелената. И му го дава тоа без да бара ништо за возврат. И ќе се насмевне, не знаејќи дека таа насмевка е најскапоценото нешто за неговата мајка. Нејзината плата и богатство.

Посетено 2.988 пати