Кај што многу ветуваат – мала торба понеси. Ама јас кога носам, куфер не ми е рамен!

Сите ја знаеме старата народна поговорка: Каде многу некој ти ветува – мала торба понеси си. За да не плачеш и да не се разочаруваш на крајот. И иако сум тежок љубител на народните поговорки, мисли и мудрости, јас секогаш се заринкувам во истата кал. Затоа што гаам надеж потешка и поголема од мене самата. И на крајот завршувам со куфер разочарувања, скршено срце и пореметена психа.

И сега, нормално. Кој ми е виновен? Никој! Исклучиво самата јас. Затоа што ширам крилја и летам… не, не летам меѓу облаци. Летам во надеж, надеж која е рамномерна на бескрајот. Надеж поцврста и од челикот, поголема од секоја вулканска карпа, а сепак толку лесно дофатлива, како нежен пердув.

И ја дофатувам. Со моите нежни, а сепак силни раце ја зграбувам. И толку ја стискам, што одеднаш се распрснува на сите страни. Таа исчезнува и се губи, а со мојот тап поглед забележувам повторно нов пораз, нова потрага по нова надеж… И така во круг.

А виновни ли се рацете кои само се подадени за нечиј спас? А виновна ли е душата, искреното срце, невиниот поглед, несебичните дланки? Виновни ли се?

Виновни ли се искрите кои пламнуваат? Виновни ли се бурните, а сепак тивки, мисли? Виновни ли се експозиите на идеи кои струјат низ главата? Виновна ли е десната хемисфера која е поистрајна и почувствителна од левата?

Виновно ли е егото, гордоста, упорноста?

Виновни ли се солзите, потта, уморот, несоницата?

Виновен си ти! Затоа што сето тоа го поседуваш. И го докажуваш… додека не ти стане ама БАШ сеедно.

Марија Прличкова

Посетено 362 пати