Забранет збор

Понекогаш се прашувам, што им е на младиве што остануваат будни навечер, а го преспиваат денот…После си викам – „Добро, си го видел ли ти светот преку ден?“


Стварно брат… на што личи светов преку ден. Диви ѕверови растрчани по плен. Чудовишта расположени само за раскинување. Проститутки насекаде. И машки и женски проститутки брат. И сите носат курвинска облека, само што личи на одело и кравата. Гротескна префинетост. Убијци во облик на пријателски насмевки. Со душа чекаат тазе месо…жртвичка која лакомо ја ждерат. И кога овие хорор карикатури конечно ќе се наситат, и ќе легнат да преживаат, стомаците ќе им натежнат, па ќе ги фати дремка, е тогаш светот станува за нијанса потивко место. Тогаш кутрите душички преплашено ѕиркаат надвор, колебливо правејќи чекорче во крвавата арена преполна со изгазени човечки органи. Како Рим во времето на Нерон. Па дишат со пола гради, барајќи некој сличен на себе, внимавајќи притоа да не разбудат некој од ѕверовите. И ќе се намирисаат еден со друг оддалеку. По бедата и безнадежноста ќе се осетат. И ќе се соберат. Ќе си ја споделат својата меланхолија и депресија. Така помалку боли. И тогаш некој ќе го спомне забранетиот збор „Иднина“. Штама. Само неми погледи. На сите им е јасно. Иднина е можна само ако и самите научат да станат ѕверови и евтини проститутки. Дека само ѕвер може да се бори со ѕвер. И само проститутка може да и одземе жртва на проститутка.

Кутрите душички повторно се погледнуваат меѓу себе. Во погледот им се гледа молба… повеќе како свечено ветување „Ние никогаш нема да станеме како овој џган“ – ќе ветат. Сите ќе ветат. Но сите нема да исполнат.

Посетено 1.655 пати