Да премолчиш додека душата ти вришти на сиот глас е можеби најголемата доблест што можеш да ја посакаш…

Колку пати си се ставил во позиција свесно да знаеш дека сиот свет греши, но си приморан да премолчиш? И не бидејќи некој те заќутил, туку си проценил дека твоите зборови тогаш ќе бидат потценети, ќе бидат незабележани… можеби затоа што си се изморил да бидеш во право. Па, си избрал едноставно да молчиш.

Колку пати душата ти вршитела, додека си морал да имаш неутрална насмевка на лицето?

Колку пати ти го изгореле срцето, а ти одново и одново го оживуваш?

Колку пати си плачел во себе додека си се кикотел на сиот глас?

Колку пати подголтна солзи за појадок, ручек и вечера?

Колку пати пропушти вистинско јадење поради нервозата во желудникот?

Колку пати туѓите грешки ги препиша за свои?

Колку пати се обвини себеси без да ја побараш вината кај другите?

Колку пати?

И не, не си слабак… не си слабак ако не броиш, туку продолжуваш понатаму. Не си слабак доколку гордо чекориш неколебувајќи се пред другите. Не си слабак што избираш да ги бираш зборовите пред другите. Не си слабак ако не знаеш да навредиш, да повредиш, да забиеш нож во грб. Не си слабак ако не умееш да се жалиш, фалиш… не си слабак ако другите те гледаат за закана.

Не си слабак.

Ти си херој сам на себе. Ти молчиш и пукаш како динамит токму тогаш кога треба. Прецизно и во целта. Ти не си куче кое лае, ти не си мачка која ’ржи и гребе… Ти само анализираш, проценуваш и чекаш.

А кога ќе експлодираш, сите занемуваат.

Неми бидејќи се вчудоневидени. А, кутрите… тие не знаат дека ти си ја складирал експлозијата во душата можеби со години. Но, си избрал да не глумиш жртва, ниту да се појавуваш како генерал после војна… си избрал да бидеш херој.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 20.709 пати