8 март – празникот кој укажува дека некои жени имаат поголеми тестиси од повеќето мажи
Ситно броиме до празникот кој официјално е признат како Денот на жената, без разлика дали е мајка или не, наставничка или не, сопруга или не.
Како малечка мислев дека е Денот на мајката, потоа сфатив дека е на жената, а кога јас прашував зошто немам подароци… одговорот беше краток: ти си девојка, не си жена.
Погрешно. Но, и се осеќав поштедено од сервис филџани, фигаро, чешли, марами… кармини и остала козметика.
Можеби и не. Можеби сакав да пораснам за да си разменам парфем со Магде. Можеби… можеби ако ја сфатев уште тогаш суштината на празникот ќе ми беше многу полесно…
Се уште несвесна со поделени мислења околу него, дали го сакам или не… дали и колку подароци треба да си разменам, се сеќавам на сите самохрани мајки кои имале поголеми тестиси од нивните мажи. Се сеќавам на секоја мајка која го изгубила своето чедо, се сеќавам на секоја баба која е во старечки дом далеку од блиските фрлена можеби во заборав, се сеќавам на секоја жена војник која упорно се труди да им покаже на останатите дека е посилна (иако не знае дека веќе е посилна), се сеќавам на секоја силувана девојка која проговорела за тој чин, но и на секоја која е осудена дека сама си го барала… Се сеќавам на секоја жена која води борба со општеството и неговите стеги, се сеќавам на секоја жена која ги вади од себе со сета сила залепените етикети, незнаејќи дека е залудно… Етикетите ќе се лепат… одново и одново.
Се сеќавам на тоа дека полот е небитен и дека секоја една е вредна, исто како сечиј живот. Се сеќавам на тоа дека за мене сите се рамноправни и не ме чуди кога ќе слушнам за жена пилот.
Се сеќавам на секое орце свртено со образложение дека денес им е Денот, а а толку жарко посакувале да излезат една вечер без да прашаат за дозвола од сопрузите. Се сеќавам на секое тавче, пегла и несмасна шала… заборавјќи дека поради неа се најадени и средени. Се сеќавам на секое патување со колешките, додека романтиката е оставена уште пред 10-20 години во некое шкафче.
Се сеќавам на секоја навреда, глупава и проста за секоја жена и мајка. Жените се кучки, жените се глупи, жените се лоши возачи, жените се само за во кујна, жените се лоши лидери, жените се злобни.
Ставам етикети и јас… а толку посакувам да не е така. Кога повеќето жени би имале “муда” да се бранат меѓусебе, мажите ќе ја изгубат битката засекогаш…
Но, само ако се здружиме… ако на работа се дружиме без да се оговараме, ако снаата и свекрвата се најдобри другарки без предрасуди, ако снаата и золвата се почитуваат како сестри, ако најдобрите другарки не си забиваат нож во грб… секој ден ќе биде 8 март.
Ако мажите се сетат дека жената е човек од крв и месо со свој капацитет, можеби ќе намалат да ја условуваат. Ако мажите ја однесат еднаш во месецот на вечера, ги измијат садовите и ги успијат децата, им посакаат убав провод со другарките и ќе ги почастат романтично патување… можеби 8 март ќе биде секој месец.
Ако жената на жена не е волк, а мажот совршен татко и сопруг… ќе нема потреба од онаа фарса… од оние лажни насмевки и уште посмешни подароци…
Можеби, којзнае…
Марија Прличкова
©majkatiitatkoti.com Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира