Живееш Тоше мој, секоја година се’ повеќе… во песните, во мислите, во делата! За жал, денеска највише…

Живееш Тоше мој, секој ден, секоја година се повеќе. Во песните, во мислите, во делата.

И денес како и сите претходни години сум лута. Лута на животот што си замина личност како тебе. Лута на тебе, да на тебе, затоа што дозволи да си заминеш. А најмногу лута што најмногу живееш на овој ден. Во песните, во мислите, во делата.
Не, Тоше. Не треба да дојде 05.10, 16.10 или 25.01… не! Не треба тогаш радијата да вибрираат од звукот на твоите песни, не. Не треба тогаш медиумите да зборуваат за тебе, за твојата големина, не. Не треба тогаш да плачеме, не треба тогаш гласно да ги пееме твоите песни, не треба тогаш најмногу да се сеќаваме.

Тоше мој, на сите ни стана фамилија. Чудесно. Никогаш не сум сретнала човек кој толку прираснал за срце во секое семејство, кога замина, се тажеше буквално како сите да закопавме по еден близок. А секоја твоја годишнина е помен на тој близок.

Знаеш Тоше, бидејќи и мене ми стана фамилија,јас на најблсиките што сум ги изгубила се сеќавам секој ден. И кога ми е најтешко, и кога сум најсреќна. Си велам: „Ех, каде си сега да видиш што ми се случува“, па така и со тебе. Те пуштам кога плачам, се сеќавам на тебе кога ми е најтешко, се барам во редовите на твоите стихови за капка утеха, но и кога сум најсреќна. Па, го земам дезодорансот или телефонот в рака и барабар со тебе пејам на цел глас. Да чујат и комшиите. Да чуе цело маало. Чунки сум најсреќна и сите треба да знаат.

Кратко зборувам, а душата се’ повеќе ми вене. Не е клише, вистина е. Пуштив некоја солза, ете, како за близок. Имам и јас еден ангел на небото, беше иста како тебе. Кротка, мила, со темни очи и коса. Ја сакаше музиката исто како тебе, таа свиреше на клавир, свиреше на оругули. Ех… замислувам дека сега стварате симфонии. Ако не сте се нашле, побарај ја. Таа се срами. Ќе се пронајдете, верувај ми.

Ти беше амбасадор на Македонија, сигурно знаеш да ја препознаеш добрината кај другите. Така ќе биде и со неа. Обајцата бевте амбасадори на светот. Многу сакаше луѓе, Тоше мој, исто како тебе.

И ете. Моето девојчинско срце не издржа, па по една солза, се слеа уште една и уште една…

Не знам дали е од жал, не сум сигруна веќе, жалам секој ден што ве нема. Веројатно е дека проклето ми фалите и обајцата.

Те сакам тебе, ја сакам неа.

Почивајте во мир…

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 1.778 пати