Воз на заминување

Попладнево во такси. Ретко се возам, скапо ми е, ретко зборам со таксистите, нит ги знам, нит ме знаат. Човеков млад и пријатен. До каде? До таму, му велам. Имам јас таму една братучетка живее, да не ја знаете? И така почна муабетот. Гледам течно и литературно зборува, ми се виде писмен скроз, ми излезе од стереотипот кој си го имав за таксистите, како за помалку образовани луѓе на кои работата како таксист им е скок во воз на заминување. Сум се излажала. Колку гадно сум се излажала.

Дипломиран на машински факултет, работи како таксист привремено, додека не најде подобра работа. Морам вели, ни требаат пари, жена ми не работи, син ми има аутизам, некој мора да биде со него нон-стоп. Ми се стемни. Ми се слоши. Занемев. Што да му кажеш на човек со таква судбина? Со кои зборови да го утешиш дека подобро ќе биде, кога знаеш дека нема? Ме стегна нешто во градите при помислата на тоа колку вакви умни и писмени луѓе мака си мачат во оваа држава. И за чудо, и покрај се, позитивни се. Толку многу што покрај нив ти текнува дека си будала што се нервираш затоа што си ја изгорела блузата при пеглање, затоа што не ти стигнале пари за омилените кондури, затоа што некоја си таму колешка за тебе рекла нешто небитно. Се смешкаше човекот, паметно се шегуваше, расположен беше, се додека не го спомна детето. Оттука натаму… и слушав и не слушав. Повеќе не слушав отколку што слушав, ми зуеја ушите, на целата тежина што на грб си ја носев, уште и неговата ми падна. Само чекав да излезам што поскоро, за да не морам на секоја реченица да му велам „баш ми е жал“, бидејќи навистина ми беше многу жал. Очите ми се насолзија. Откако се сретнаа со неговите солзи во ретровизорот, го криев погледот во телефонот, божем некој нешто ми пишал, a јас итно морав да прочитам. Воздржи се, уште некоја минута па ќе излезеш. Непристојна си, прибери се. Фино не си збориш со таксистите. Зарем очекуваше нешто убаво да чуеш? Нечија убава судбина во оваа мивка од држава? Шо ти требаше сега ова?! Си мислев. Опцув гласно откако се симнав од колата и останав сама. Си помислив, ете го, падна каменот од душава. Ама не, не паднал. Уште е тука. Го гледам ликот на младиот човек во ретровизорот пред очи и сеуште од ум не ми излегува. Сега жалам што не му реков, а требаше… да си ја спакува дипломата, да си ги земе детето и жената под рака и да направи еден храбар, џиновски скок… кон некој воз на заминување… што подалеку од тука!

Посетено 6.311 пати