Во првата секунда од Новата Година

revolver_majkatiitatkoti

Уште не е зима
а времето сепак не ни штима.
Сакате да одиме во лов на пеперуги
и на ретки пролетни цутови?
Не, заборави, тука е што е.
Ќе ја тресеме есента од
костените, студот од коските.
На маглата ќе ù ги врземе очите,
ветерот ќе го обесиме на дабот.
На снегот ќе му посакаме зимска
опрема, на санките влечна служба.
Елката треба да биде стројна и зелена
како некоја идеална мома –
ќе ја накитиме дури откако
ќе ја засадиме во дневна.
Крајот на годината се ближи и
со неа ќе завршат и нашите грижи.
Кој не сака да почне одново, кој?
За Нова Година ќе ти подарам револвер,
па прави што ќе правиш
(пукај, во мене или во височина)!
Крајно време е да ја разбиеме илузијата
дека убавите желби и сочниот
бакнеж точно во дванаесет
ни гарантираат убава и плодна година.
Пукај, што чекаш! – ќе ти речам.

18.12.2013

Посетено 329 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!