Во алкохолот е вистината

Опкружена со момци кои ги гледам со пријателски очи без разлика со какви очи гледаат тие на мене, чекорам низ улицата на мојот град.

vo-alkoholot-e-vistinata-1

Саботно утро, џагор на деца, пригушени насмевки, испади, развеселени лица, пластична среќа наоколу, да ти се згади.

Место за кафе никаде, кафулињата се преполни, а луѓето кажуваат дека немаат пари.
Но за кафе секогаш ќе се најде нели?

Чекорам така со машка дружина бидејќи одлучив да се дружам исклучиво со момци, девојките се многу дволични лица кои озборуваат, не ми треба тоа, а и не можам да го поднесам.

Момците се поразлични, тие знаат како да се забавуваат, насмеат и знаат да ти направат нормален муабет што нема да ја содржи реченицата – “Штиклите на Маја не одговараат на нејзините нокти…”

Глупав разговор нели?

А ти треба да се преправаш дека си уште поглупав и да одговориш на тоа со вчудоневидувачки изглед, како да те интересира, даваш реплика поглупава и од самото прашање.

Не дека си глупав, така налага друштвото, женското друштво.
Затоа не ги сакам девојките повеќе, подобро ми е со мажи.

Чекорејќи така, слушав шеги кои ме смееа до солзи од устата на моите пријатели доволно блиску да ги слушнам, доволно гласно да се слушаме меѓусебно, но и доволно тивко и резервирано за истите да привлечат внимание на околната толпа околу нас.

Смеејќи се, се фатив како гледам во тебе, застанат, пушиш цигара и чекаш да се ослободи место за кафе, исто како и ние.

Ме погледна и го спушти погледот.

Не ме интересираше, иако насмевката се претвори во права линија, на следната шега од моите другари повторно се искриви.

Го сакав тоа, ме расположуваа не знаејќи дека сум во шок, безопасен шок.
Шок од кој ти се тресат колената и срцето само од еден поглед.

Продолживме да бараме место и на крај седнавме во кафулето чија маса прва се ослободи. Мислите ми лутаа кај него, каде е тој, што прави, со кого е?

Го запрев нивното лутање и се фокусирав на кафето со моите пријатели, сакав убаво да си поминам.

И си поминав прекрасно, како и секогаш.

Бев горда што се движам покрај 4 згодни фраери кои ме почитуваа навистина.
Се договоривме да пиеме истата вечер.

Седнавме во кафулето во кое бевме тоа утро на кафе, само што овој порачавме дупли водки.

Бев слабо облечена и ги замолив да отидеме во друго кафуле каде што се пуши внатре, на топло.

Таму пиевме пиво, се опив и бев пријатно зашеметена.

Во тој момент посегнав по телефонот и му напишав порака што содржеше само еден прашалник.

Алкохолот влијаеше врз мојата силна психа и желбата за потиснување на чувствата, се почувствував слаба.

Продолжив да пијам и скршив две шишиња пред мене на чивијашка песна.

Сигурно го знаете чувството на скршено шише или чаша во момент на слабост, нели?

Исто како да ја кршите својата болка која полека се распрснува на парчиња, но за разлика од стаклото, болката повторно се насобира и станува едно кое те крши тебе на милион парчиња.

Седев така, пијана, зашеметена, прекрасна, во добро друштво и уште подобра атмосфера.

Тогаш сфатив дека колку и да си силен сепак ќе потклекнеш пред тој што го сакаш.

Никој не е камен, секој има слабост, а најчесто таа слабост е таа што те крши на парчиња исто како што вие го кршите стаклото на подот во пијана состојба…

Сфатив дека навистина во алкохолот лежи вистината, а јас мојата ја маскирав во лага која на крајот излезе на површина…

Посетено 4.302 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!