Трета среќа

Таа беше невработен дипломиран архитект, а тој веќе работеше во една приватна градежна фирма, кога му ја соопшти веста – заминува на постдипломски студии во Шведска откако успеа да добие стипендија во третиот обид. Ја гледаше немо. Потајно се надеваше дека нејзините обиди да студира во странство ќе бидат залудни, иако никогаш не ѝ рече – немој да се обидуваш. Знаеше дека има тетка во Стокхолм која ја поддржува и која ќе ѝ помогне да остане таму што подолго, ако не и засекогаш. Но, не сакаше да и ги руши соништата, иако сакаше да ја има покрај себе, во исто време. Тој ден, кога нејзиниот свет се раѓаше, неговиот се сруши… Посака да ја прегрне, но наместо прегратка, и упати едно „Со среќа нека ти е“, ги стави наочарите за сонце и излезе од кафе-барот. Таа не ги виде неговите, ниту тој нејзините солзи откако си замина. Оттогаш не се видоа. Неколку пати по телефон тој ја убедуваше неа да остане, таа него да дојде со неа. А потоа прекинаа.

treta-sreka-naslovna_majkatiitatkoti

Чекор ја делеше од лифтот на скопскиот аеродром кога слушна како некој и го извикува името. Тој стоеше во лобито. Пријатно изненадена, појде накај него и го погледна кратко. Тежина како планина ја притискаше врз градите, грлото како во јазол да и беше врзано, не умееше збор да изусти. Ниту тој. Само ја пружи раката за да ја погали по главата, ги протна прстите низ кадриците од нејзината коса и ја приближи кон себе. Кога таа заплака. Како малечко неутешно дете ги истури солзите во неговата прегратка. Потоа нестрпливо се оттргна од него и милувајќи го по лицето проговори „Ќе дојдеш ли по мене? Вети ми дека ќе дојдеш, вети ми!“ Од тоа се плашеше, баш од тој момент кога ќе го погледне со расплаканите очи на срна. Заради нив се двоумеше дали воопшто да се појавува, заради нив и доцнеше. „Се обидов, два пати, верувај ми, разгледував некои можности на интернет, вториот пат за малку ќе аплицирав, ама не можам Сара, заради работата, заради моите, разбери ме ако можеш.“ Таа се одалечи неколку чекори од него. Ги избриша солзите невешто како да ја брише последната капка надеж, отсечно изусти „Ни јас не можам, разбери ме и ти мене ако можеш“ и си замина со брз чекор. Ја набљудуваше се додека не ја изгуби од видот кога таа се упати накај пасошката контрола. Стоеше уште некое време вкочанет затоа што не знаеше што да прави со себе. Тој ден му се сруши светот по втор пат…

Додека го пиеше кафето тоа попладне долго зјапаше во екранот. Еден месец откако таа замина, по трет пат од оној ден во кафе-барот разгледуваше можности, од оние кои би го одвеле близу до неа. „Трета среќа или?“ си размислуваше додека поминуваше со курсорот од глувчето врз иконата на која пишуваше „Аpply“, кога го оттргна од мислите гласот на колегата од соседната канцеларија „Нено, одиме на пауза, доаѓаш?“ Се сепна, го тргна курсорот од иконата „Аpply“, го подеси за да кликне „Close“, но тогаш подзастана, некако тешко му се виде затворањето на таа страница од неговиот живот… како да не беше спремен за уште едно, трето рушење на светот. „Еве ме, доаѓам!“ Ја облече набрзина јакната и излезе. Канцеларијата остана празна… и полна со живот, во исто време. На бирото задоволно се смешкаше девојка со кадрава коса и очи на срна покрај екранот на кој стоеше отворената страница со курсорот поставен над иконата „Bookmark this page“…

Посетено 2.833 пати