Што си ти?

sto si ti-pocetna_majkatiitatkoti
Се прашувам што си ти што ми одзеде од моето скапоцено време преостанато и пресметано до секунда од мојот живот.
Што си ти што ме турна да паднам во најголемата црна и мрачна бездна…
Црна, мрачна бездна во која паднав неколку пати. Паѓав и при секој мој пад се борев до последниот атом да станам, да се исправам и качам на површината од земјата каде е се убаво спокојно и мирно.
Неколку пати моите обиди беа неуспешни. За мене немаше светлина. Живеев во заробени мрачни и темни одаи во сопствената душа.
Го живеев секој ден во надеж дека јас можам да се качам на површината и да ги видам и почувствувам сите убавини кои ги нуди животот со сиот свој сјај.
Залудно…
И понатаму продолжував со своите падови и од ден на ден стануваа се почести.
На почетокот паднав еднаш, подоцна уште неколку пати.
Се прашував до кога.
До кога ќе паѓам во таа темна бездна во која живот нема, не постои. Во која има само јад и чемер, бездна во која душата од ден на ден полека се гасне, умира, срцето крвари, а јас и моето јас престанува да постои.
Што си ти што при секое мое искачување, при секој мој обид создаваш нови зашеметувања, нови земјотреси, молњи и нови громови на мојата душа.
Што си ти што ме прогонуваш со твоите туркања…
Што си ти што ми го јадеш спокојот, ми ја нагризуваш душата.
Што си ти што сета моја светлина што ја носам во себе ја претвараш во темнина.
Сето мое бело го претвараш во црно.
Овa срце знае и умее да живее во светлина, во радост, во безброј насмевки.
Што си ти да ми ја гризеш совеста што неколку пати дозволив да ме турнеш во најдлабоката бездна од каде е тешко да излезеш, да си ја спасиш душата.
Повторно се запрашувам.
Размислувам.
Зарем имаш толкава моќ да туркаш некого во бездна?
Што си ти што сонцето ми го замени со месечина а месечината со сонце.
Што си ти што мислиш дека можеш да оставаш некого во бездна без да се завртиш и погледнеш дали му е потребна помош.
Што си ти што се дрзнуваш да си играш со нечии души, со нечие срце кое чукало и пред да се појавиш ти. Срце кое не умеело да живее во темнини, срце кое умеело да живее само во сончеви градини посеани со шарени и најубави цвекиња.
Срце кое живеело во росни ливади полни со пупки од кои секој ден се раѓаше нов цвет.
Се прашувам, помислувам, ти ли си она лошото кое знае и умее, кое има таква моќ да влезе во нечија душа и да ја турне во бездна.
Да и ги впие сите убави миризби и да и вдахне лоши.
Ти ли си она кое секое мое бело го прави црно.
Она кое навлегува во секоја пoра од една човечка душа и влева страв. Страв од неуспех, од падови кои врежуваат најдлабоки лузни кои ќе ги носи сиот свој живот.
Што си ти?
Ти ли си мракот од кого бегаат сите?
Ти ли си чемерот и јадот на овој свет?
Бегај!
Бегај од мене!
Не туркај ме веќе!
Изгреа сонце.
Започна нов ден.
Се исправив со последната моја сила која ја носев во себе, се кренав и застанав на површината на земјата. Погледнав околу себе.
Се видов себеси како стојам исправено во еден прекрасен нов свет. Свет облеан со светлина, со шарени цвекиња, свет кој мириса на расцутени дрвја во пролет, совршен свет во кој миризбите ти продираат во внатрешноста на душата и ти влеваат чувство на среќа.
Ја видов ливадата полна со пупки кои секој момент очекував да расцутат.
Го видов Сонцето такво какво што е.
Вистинското сонце. Сонце кое не е Месечина.
Го видов небото сино и чисто, бистро како што беше и мојата душа во тој момент.
Се соочив очи во очи со животот.
Ги видов убавините на животот. Ги почувствував со сите мои сетила. Во истиот момент почнаа да ме облеваат со спокој, со убави чувства кои раѓаат една насмевка. Една искрена чиста и топла насмевка создадена и родена од дното на срцето.
Се насмевнав.
А, што си ти сеуште се прашувам.
Сеуште ли има сила во тебе за следно туркање на души во темната бездна, во онаа истата во која бев и јас.
Дали сеуште си тука?
А, што си ти?
Никогаш не дознав што си.
Остави ме.
Остави ме овде, убаво се чувствувам, овде каде се е убаво каде спокојот и мирот се браќа, каде сонцето е Сонце, а не е Месечина.
Остави ме овде и оди си што и да си!
Продолжи да талкаш по твоите темни патишта кои ќевте однесат до некоја следна душа на која и претстои истиот пат кој што го одев и јас.
Оди си од мене и никогаш не враќај се!
Оваа душа премногу пати дозволи да ја турнеш и оставиш во бездна, но најпосле оваа душа те победи и стана исправена, горда и подготвена да му се радува на убавиот свет во кој нема мрак, те нема тебе што и да си.
Нов свет каде душата оди по патот на сонцето, душа на која патокази ќе и бидат зраците од Сонцето, душa која ќе му се радува на изгрејсонцето.
Душа која преку виножитото кое се појавува само како знак дека Бог е со мене, со неговите шарени и весели бои ќе му се радува на секој почеток на следниот ден.
Уште во првиот момент кога се качив на површината од земјата и кога ни се сретнаа погледите со сонцето знаев дека се простив и збогував од тебе засекогаш што и да си.
Знам дека никогаш повеќе нема да дозволам да паднам во темна и мрачна бездна.
Сонцето е со мене, ми ја држи раката.
Одвреме навреме ми ја стиска силно колку само да ме потсети дека е тука, со мене.
Знам, сега и засекогаш ќе биде со мене.
Посетено 890 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!