Со милост низ сеќавањата ќе пливаш

voda devojka_majkatiitatkoti

Збогум кога велиш
без патетика и драма
без лоши мисли во умот
бразди да ти роварат
ниту обвинувања
кои како отров околу ги блуеш
збогум кога велиш
кога во себе ќе си шепнеш
тивко и спокојно
за едвај и сама себе да се чуеш
со насмев наместо стиснати усни
и смејалчиња на ќошевите од очите
наместо брчки од гнев
ете тогаш си заминуваш
ја сечеш папочната врвца со љубовта
и подврзуваш спомени со неа
за да се сладиш во староста
на ликот негов да ти текне
со милост низ сеќавањата да попливаш
и потем безбедно на брегот да се вратиш
таму каде што одбираш да си
без него
но со себе
и одразот во водата си го гледаш
во истата таа во која до вчера си се давела
и нежна си
со себе си нежна
па си ја галиш душичката
а на срцето приспивна му пееш
и топло ти е
оти љубовта во тебе останала
оти само збогум некому си кажала
без да ја убиеш
и без да ја измачуваш
и ја спремаш како чеиз
ја светнуваш до слепило
и со медовина ја поливаш
за во свила да ја завиткаш
и како скапоценост да ја чуваш
до следната љубов
до оној за кој пилето ќе запее
а до тогаш
само едно збогум кажуваш
нежно и мило
со сета душа во неколку букви внесена
како да му велиш
“те сакам, те сакам”

Посетено 3.235 пати