Со исколвани љубови во клуновите
Како птици
завиени во пердуви
од црн сатен сошиени
лебдиме
нуркаме во себе
како во вода тонеме
бараме
а не знаеме што
како да ќе препознаеме
во купот смет
она што е за нас создадено
како птици
секоја во своето јато
ги сечеме облаците
на кои соништата ни се одмараат
па како зрели овошки
од дрвја што паѓаат
ги собираме од земја
низ прстите ги вртиме
со сласт загризуваме
секогаш од оној дел
кој е нагмечен
како птици
крици испуштаме
и се тешиме дека пееме
дека се разбираме
дека ќе се најдеме
додека небото го распоруваме
со вресоци наместо песна
вртоглаво понирајќи надолу
а потем угоре
накај сонцето
небаре бесмртни сме
како птици
секоја во својот кафез
доволно широк за да подзалаже
дека слободни сме
со исколвани љубови во клуновите
летаме
и од златните решетки се удираме
па се тешиме дека и тоа доволно ни е
дека меѓу нив дишеме
додека срцата уплашено ни бијат
како на птици, како на птици