НЕ ТИ ГО НАЈДОВ ГРОБОТ

Не ти го најдов гробот
во мермерната шума.
По погребот барав ориентири
за да се снајдам кога ќе ти
дојдам на муабет,
но ништо не сум запаметил.
Петнаесет минути од гроб на гроб,
чевлите отежнати од калта,
главата од имиња и ликови,
непознати и кога биле живи.
Заскитав во лавиринтот во кој
еден ден сите ќе се изгубиме
(или ќе си го најдеме местото).
Кога полани за првпат ти дојдов
на гости во новиот стан, ме пречека
на балкон и ми го фрли клучот.
Сега ништо, мртва тишина
на безживотната улица.
Си заминав со грижа на совест
оставајќи ги свеќите и цвеќето
на некој незнаен гроб.
Ќе ти дојдам на пролет,
во некој убав сончев ден,
со шише џејмисон и две
кутии цигари,
и ќе седам до фајронт.
Или, пак, можеби гробиштата
работат како драгстор,
24 часови на ден?

Посетено 862 пати