Не буричкај ми низ утробава
Не буричкај ми низ утробава
од љубопитност
или за да видиш
колку сум силна
не чепкај ми по лузната
од која живот дадов
за живот во мене да има
не ми ровари низ матката
која се згрчува
на секој твој збор
ниту пак потсмевај ми се на слабоста
од допирот твој што ја имам
не гледај ме со жал одозгора
кога пред тебе коленичам
оти љубовта моја
ете тебе те одбра
и високо е
угоре
над тебе
и над мене
над нашите трошни тела
и допола изедени животи
таа никогаш на колена не е
ниту пак достоинство има
или суета во себе носи
таа е горе
над сето ова лудило и врева
а сепак во матката ми спие
онаму од кај што зборови вадам
сеќавањата на баба ми кај што ми вријат
кај што ми е болката за ќерка ми
и тагата за малата Ана
не буричкај ми низ утробава
оти нема да ти кажам дека ме болиш
ниту пак ќе зацвилам
или заплачам
ниту “немој” ќе ти речам
само ќе те гледам
во очите ќе ти нурнам
кротко
питомо
со насмев ќе те галам
со љубов ќе те послужам
и со себе ќе те напојам
полека
со милост
ќе ти кажам дека те сакам
со раката твоја во утробава
која стега
која боли
која убива