Луда комбинација

Ги знаеш оние денови, кога изгледа како ништо да не ти оди од рака?


Е, Стефи се најде во таков филм. Утрото и почна… не, чекај, малку пред тоа имаше уште нешто. Хммм или цела недела пред тоа исто така? Не, не… заборавете се што напишав до сега… животот на Стефи уште од раѓање беше баш некако, како еден од „оние“ филмови, мешавина помеѓу патетика и неспретност на оние малитеневидливи човечиња шо ни ги тргаат препреките од пред чекорите за да не се сопнеме и да скршиме нос. Нели сте приметиле како кај некои луѓе изгледа дека некоја виша сила им го расчистува патот, и на нив останува само да одат лежерно по него? Е, тие нивните невидливите човечиња вредно работат од утро до мрак, грижејќи се нивниот „„Газда“ да има лесен и сигурен чекор, а со самото тоа и блескава иднина. Е, човечињата на Стефи беа едни мрзливи газлиња. Затоа Стефи често си имаше маки. Кога возеа точаци со другарките, Стефи секогаш се враќаше со дупната гума. Како некој да фрлаше скршени стакла под нејзините тркала. Во школо секогаш ја испрашуваа за лекцијата која најмалку ја знаеше. Исто и на факултет. Потоа кога почна да вози кола, ситуацијата не се промени ни за влакно. Еднаш дуваше јак ветар, и единственото откорнато дрвце од целиот паркинг падна баш на нејзината кола. А таа не ни беше паркирана близу до него. Да бе… нејзините невидливи човечиња беа најмрзливите човечиња на светот. Еве и сега додека ја пишувам приказнава за Стефи, имам чувство дека нешто ќе тргне наопаку. Ај вие проверете да не се чита текстов наопачки?

Не? Ок, тогаш да продолжам…

Еден од оние шантрави полу-летни денови кога и времето не знае што да прави со себе, Стефи брзаше накај канцеларија. Брзаше затоа што некои пијани комшии и ја блокирале колата. Свирна неколку пати со сирената, и ништо. Саатот баш тоа утро најде да ја потроши батеријата. Мобилниот претходната вечер и падна во ВЦ-шољата. Ах тие невидливи човечиња… Ништо, мораше да се брза. Истрча на булеварот да викне такси. Единственото такси кое застана беше еден стар опел пред издивнување. Погодувате? Се расипа после два километри. Избезумена, Стефи тргна пешки. И баш во тој момент почна да врне. Од оној летниот дожд, го знаете? Оној што те праи жива вода за пет секунди и одма престанува. Стефи сама на сред булевар, далеку од било каков објект кај што би можела да се засолни. Ама неа ништо веќе не ја изненадуваше. Толку беше навикната на малери, што ова и беше како ритуал. Стефи беше доказ и исполнување на сите постоечки и непостоечки Марфиеви закони. Дури и јас како писател, почнав да размислувам дали да продолжам да ги викам Марфиеви или Стефини закони. Веројатно во овој век ќе им го сменат името. А јас сигурно ќе гласам ЗА.

Откако ненормалниот облак ја истури сета вода врз Стефи, гласно се насмеа, и отиде да наточи нова количина некаде каде што облаците веќе го прават тоа. Стефи се заврте лево – десно да види дали некој ќе застане, но малите невидливи човечиња кои обично се грижат за тоа и овој пат мрзливо се протегаа и ни за жива глава не сакаа да излезат на дождот. Па така, Стефи имаше среќа првата кола која наиде да биде управувана од еден тип што збореше на мобилен и воопшто не ја забележа, па фино – лепо ја испрска за да го потврди уште еднаш Стефиниот закон дека „ако нешто може да тргне наопаку, сигурно ќе тргне наопаку“ Таа само вресна колку ја држи глас. А Стефи имаше еден од оние гласови што пробиваат звучни бариери. Возачот преплашено реагираше и веднаш застана. Се врати во рикверц и излезе целиот во паника.
– Ве молам простете ми, не ве забележав – се правдаше. Потоа го соблече шушкавецот и ја нагрна. – Ве молам влезете, ќе ве префрлам до дома – ја молеше. Но Стефи не ги ни слушаше неговите зборови. Едноставно сеуште беше во шок од неговата појава. Дечкото имаше дводневна брада, остри ама некако нежни црти на лицето, а гласот некако и се чинеше како симфонија. Како контрабасот на татко и. Широките рамења покажуваа атлетска градба. Тој ја подбутнуваше накај отворената врата од колата, ама таа стоеше како забетонирана. Изгледаше комично онака целата накисната, наметната со огромниот шушкавец кој комотно можеше да и послужи како мантил. Рацете и се изгубија длабоко во ракавите. Изгледаше повеќе како покриена статуа која чека да биде откриена на јавноста.
– Добри ли сте? – инсистираше тој. – Госпоѓице? Добри ли сте?
– М? Молам? – Успеа да изусти Стефи.
– Уф, конечно, мислев дека сте повредени. Добри ли сте?
– А… мислам да…
– Влезете во кола, ќе ве префрлам до дома.
– Добро – не се противеше Стефи. Целото време додека се возеа, таа успеваше под око да го ѕирка нејзиниот нов познаник кој постојано се извинуваше. Неговиот глас успеваше да ја вознемири на неколку нивоа. Имаше чувство дека може да го слуша со часови. И да го гледа со денови. Со месеци… море со векови.
– Ама сум глуп, заборавив да се претставам, јас сум Симон – и ја подаде раката.
– Аха – глупо одговори Стефи
– Се викате Ана? – малку зачудено ја праша
– Не… не Стефи – му ја испружи раката, која тој ја прифати веднаш.
Таа погледна во неговата шепа која и ја опфати раката како да држи фломастер. Веднаш инстиктивно си ја извлече раката, иако секунда подоцна и беше криво.
– Стефи – ве молам да ми ја дадете сметката за хемиско чистење – инсистираше
– Ама не… нема потреба
– Ве молам, инсистирам… навалуваше Симон
– Ама ништо не е. Нема проблем.
– Стефи, јас ќе ве чекам пред влез се додека не ми ги донесете сите алишта кои ви ги наводенив денес. Јас ќе ги однесам на хемиско и ќе ви ги вратам испрани и испеглани.
– Ама не, нема потреба – се бранеше таа, а во мислите си го замислуваше Симон како и ѕвони на врата со пакет алишта… Мммм би било супер – си помисли.
– Значи договорени сме, нели?
– Добро Симон, штом инсистирате…
– Инсистирам. Но мислам дека тоа ќе ми биде мала казна. Мислам дека ви должам повеќе од обично извинување- и рече додека ја испраќаше до влезот од зградата.
– Молам? – се подзачуди Стефи
– Ќе ми биде чест ако ми дозволите да ве префрлам таму каде што бевте тргнати…
– Да, да на работа тргнав и веќе доцнам…
– Јас ќе ве почекам да се облечете и ќе ве префрлам. Ако треба ќе одам кај вашиот шеф и ќе му објаснам дека заради мене доцните.
– Не.. нема потреба – несигурно одговори таа, иако многу и се допадна мислата да се појави со Симон на работа. Кокошките од канцеларија ќе си гризнат од г.. кога ќе ја видат. Во мислите ги растера розевите облачиња кои како шеќерна волна со мирис на ванила и ги дразнеа сите сетила. Малите невидливи човечиња ја посматраа целата ситуација со видна радозналост.
Едно од нив, изгледа шеф им беше, рече – Браќа, имаме уште една акција и после идеме на годишен одмор. Набрзина разработија сценарио… Качувајќи се по скалите, штиклата на Стефи пукна како соленка и таа почна да паѓа. Знам дека ќе ви звучи како на филм, ама Симон стварно ја задржа, немам потреба да ве лажам. Проблемот е што аголот на паѓање беше зезнат, или човечињата на Симон учествуваа во диверзијата, ама важно и Симон и Стефи се стркалаа по скали. Стефи заврши врз Симон со раце замотани околу него. Симон почна да се смее на глас. Стефи проба да стане, ама рацете и беа заглавени помеѓу телото на Симон и платото под скалите. Јасна ви е сликата? Или пребрзо ви се одмота филмот? Значи Симон лежи на грб, Стефи со рацете околу него, бидејќи кога почна да паѓа инстиктивно се грабна за него. Она заглавена и тесно припиена врз него. Он се смее на цел глас, а вода од мократа облека се цеди врз двајцата. И бељата да биде поголема, во тој момент во влезот влегува баба Севда. И наместо да им помогне да се отплеткаат, само промрморе – ц,ц,ц,ц,ц беобразлук, и по влезови почнаа…
Стефи од срам само го зари лицето во градите на Симон и почна очајно да се смее. Неколку минути им требаа да се отплеткаат. Потоа се качија до станчето на Стефи, повремено прскајќи во хистерична смеа.
– Ќе те почекам овде – рече учтиво Симон.
– Не, влези да си ги исушиш алиштата…
– ОК, ако инсистираш – не се бунеше многу Симон
– Сигурен си дека ништо немаш скршено?
– Мислам дека сега за сега само гордоста ми е повредена.
Се погледнаа и прснаа во смеа.

Клучот мазно влезе во клучалката… се слушнаа само едно по друго две судбоносни „штрак… штрак„ – и вратата од рајот конечно се отвори.

Треба повеќе да раскажувам или до сега е се јасно?

Другпат да верувате во план, и да не им се лутите на мрзливите невидливи човечиња… тие понекогаш точно знаат што прават.

Посетено 3.159 пати