Кога веќе ме озборуваш зад грб, дали ќе можеш да ме почешкаш малку?
Знам, не сум совршен човек, но никој не е, ниту пак ти, зошто зборуваш за другите како да си совршен?
Знам, не сум најубав, но барем на мајка ми сум и убав, не се фалам наоколу дека личам на Марлон Брандо, зошто тогаш ми викаш грд?
Знам, не сум најпаметен, бидејќи од паметниот секогаш има попаметен, не се фалам дека знам се, оној што мисли дека знае се, будала е, зошто тогаш ми викаш глупав?
Знам, не сум најкултурен, понекогаш грешам во зборувањето, исто така и ти, зошто тогаш ми викаш неписмен?
Знам, не сум најдобар, но не си ниту ти, бидејќи и од најдобриот има уште подобар и така натаму, зошто тогаш ми викаш дека сум лош?
Знам, не сум светец, не си ниту ти, зошто тогаш си ги криеш невидливите рогови на ѓавол кои сите ги носиме?
Запомни секој грешник има иднина и секој светец има минато, живеј во сегашноста и не зборувај веќе за другите, зборувај за себе ако имаш што да кажеш, во спротивно молчи.
Викаат, кога немаш нешто паметно да кажеш подобро молчи и изгледај паметно.
Јас знам се што не знам, ако ме разбирате, но вие не знаете дека не сте совршени, не сте најубави, не сте најпаметни, не сте најкултурни, не сте најдобри, не сте светци…
За туѓите грешки сте добар адвокат, но за своите лош судија, за прв пат бидете само сведоци кои молчат и не признаваат злосторство.
Верувајте сите правиме по некое злосторство секој ден, без разлика дали со дела или мисли, овие вторите се полоши бидејќи она што човек го мисли тоа и постанува.
За крај заборавив да ти напоменам…кога веќе ме озборуваш зад грб и покрај сето ова што го прочита доволно за да сфатиш дека не сум глупав, дали ќе можеш да ме почешкаш малку?
Посетено 3.103 пати