Кога љубовта заспива во туѓа постела
[fblike]Кога љубовта заспива во туѓа постела,
твојата празна е, ладна е,
ти недостига половина од целото
и целото од половината,
а знаеш дека има само
едно враќање
и едно доаѓање.
Рацете секогаш широко отворени
во прегратка за дочек
и срце силно згрчено во болка
од сознанието дека љубовта заспива
во туѓа постела,
не до тебе,
далеку од себе,
само заради доказ пред себе и другите
дека сеуште може да биде и е
посакувано тело.
Кога љубовта заспива во туѓа постела
студи во туѓи дланки,
мрачно е во туѓи допири,
но желбата е појака,
страста секогаш гори души,
согорува тела,
пеплосува време,
но никогаш не е доволна за љубов,
не онаа што заспива сам/а во целото.
Никогаш не ќе има се`,
ќе добие се` останато,
само не и постелата која грее две срца,
а повторно ќе се врати во неа…
Како грешник ќе посака љубов,
топлина, мирис на свежи чаршафи,
а рацете секогаш широко отворени
во прегратка за дочек,
но срцето се` повеќе згрчено и замрзнато
од болката што ја отчукува,
додека љубовта спие во туѓа постела.
*
секој некогаш заспал во туѓа постела,
а една половина од целото чекала во ноќта…
Автор: Сања Бежовска
Посетено 1.759 пати