Искривени времиња
Ех, какви се овие времиња… никакви би рекла јас.
Зошто?
Затоа што луѓето наликуваат на искривени дрвја кои што и даваат на целата слика искривен изглед кој не доликува на ништо.
Каде е искреноста, добрината, каде е сочувството со туѓата несреќа, советите без искривена намера, каде се искривените линии на лицата на луѓето кои можат да исправат многу работи во овие искривени времиња?
Се прашувате што значат тие искривени линии?!
Тоа драги мои се насмевките.
Не зборувам за оние прикриено злобни насмевки, зборувам за искрените насмевки како насмевката на детенце кое што туку добило сладолед од своите родители и се радува, бескрајно се радува на ситница бидејќи неговата душа е невина и тоа не знае за зло, а таа ситница е доволна за една искрена насмевка, насмевка од душа…
Сите вие а и јас сме биле како тоа детенце, мали, глупави, наивни, добри, сме се радувале на ситници кои со времето станувале големи камења од кои сега постојано се сопнуваме на патот.
Што се случило со секој еден од нас?
Како да сме заборавиле да се смееме искрено и да се радуваме на ситници, нели?
Дали сме ја изгубиле човечноста во нас или пак се криеме под неа?
Дали нашите маски на лошиот во приказната не штитат од повредување или самите сме такви навистина?
Дали тие камења кои ни се пред носот се виновни за нашето сопнување или ние не сакаме намерно да ги видиме?
Искривено е се, искривени се нашите мисли, нашите зборови пробувајќи да го кажеме тоа што го мислиме а кажуваме нешто сосема друго поради тоа што се плашиме истото да не биде отфрлено и осудено.
Времето не е криво, и него му е криво што е искривено, но нема што да прави со луѓе како нас.
Aјде заедно да исправиме се што е искривено и да ги вратиме насмевките на нашите лица и сите останати вредности кои сме ги заборавиле.
Тоа се сочувството и културата, тие се правите работи, а не може да ги има некој искривен што живее во искривено време, некој како јас, некој како ти!
Ајде да се радуваме на ситните работи кои можат да ни го разубават денот, наместо да се сожалуваме самите себеси и нашиот живот.
Ајде да не тагуваме по тоа што го немаме, туку да се радуваме на тоа што го имаме во моментот. Само така, со чисто срце и добра вољја можеме да ги исправиме овие криви времиња и да ги вратиме тие вистински криви линии на нашето лице.
Само така можеме да ги вратиме насмевките!