Хуманоста се учи од мали нозе, а Матеа е вистински доказ за тоа!

Матеа има само 6 години и веќе покажа и докажа дека е поголем човек од повеќето нас. Со чисто срце и душа, без ни малку копнеж за трошка слава, без ни малку себичност или алчност, токму како што вистинските хуманитарци го прават тоа!

Во декември минатата година Матеа разбрала за горчливата борба на малите дечиња кои биле болни од рак, па дошла до една неверојатна идеја. Да ја донира својата коса! Секако, не можела веднаш да го направи тоа, па морала да почека да порасне 30 цм оноколку колку што е неопходно за да се донира.

Но, бидејќи кај нас нема кај да се донира, косата ќе биде испратена во Холандија.

Освен должината од 30 цм, таа треба да исполнува уште неколку услови и тоа:

  • да не е фарбана или избелувана, туку мора да е природна;
  • да е уредно сплетена во плетенка и прицврстена со ластици.

По ова, тие лично ја испраќаат до тамошната холандска организација која изработува перики за децата заболени од рак со препорачано писмо преку пошта.

Наклон до земја, а ова е статусот на мајката Милена кој ги освои срцата на сите:

“Од убавини, ова.

Косата ни е спремна за донирање 

…Кога во една прилика Матеа виде дечиња кои го поминале процесот на хемотерапија, ме запраша дали се машки или женски бидејќи немаат коса на главата. Тука започна целата приказна за дечињата што ја губат косата за да се излекуваат.
“Па зошто мамо не им стават вештачка коса?” – ме праша.
“Им ставаат” и реков, “ама треба да направат перики од долги коси на други луѓе”.
“Долги коси како мојата?”
“Да Матеа, како твојата.”
“Тогаш, јас сакам да ја исечам мојата коса да направат вештачка коса за друго дете.”

Останатото е историја.

Косата порасна доволно, а благодарение на рацете на Lili Lea Frizi истата беше внимателно собрана и ишишана.

Хуманост се учи од мали нозе и нема никаква врска со возраста, туку со големината на срцето. Денеска ќерка ми е поголема и од мене. ❤“

Браво уште еднаш Матеа, ние возрасните треба да учиме од тебе!
А воедно ова е апел за сите оние дечиња како Матеа кои сакаат да ја донираат својата косичка за оние кои ја изгубиле при мачната и долготрајна борба при процесот на хемотерапија. Како и што знаете, секоја донација е добредојдена затоа што секое дете заслужува да има убаво детство, односно нека таа коса донесе малку надеж во тие невини детски очиња.

Адресата на холандската организација која се занимава со правењето перики за децата болни од рак е:
Haarwensen Postbus 244 3640 AE Mijdrecht The Netherlands (hair donation)

Воедно, можете да ја контактирате нашата организација која има воспоставено контакт со неа, ZEDM Slozuvalka.

Пратката чини само 250 денари, а донаторите се сигурни дека косата стигнала на вистинското место односно добиваат e-mail после 10-тина дена дека пратката е успешно примена.
Само 250 денари, 30 цм, хуманост и несебичност се доволни за некое детенце да се насмее после се’.

Сложувалка веќе имаат бројни фотографии од деца и возрасни кои веќе го направиле тоа, а тоа можете да бидете и вие и секој оној кој има 30 цм природна коса.

Холандија ја очекува косата на Матеа, а ние ја очекуваме насмевката која ќе ја потсети дека сите овие месеци не биле залудни и дека успеала со својата трпеливост да направи нечиј живот поубав и посреќен.

Посетено 1.551 пати