Хулија Хилми: Пеш низ Истанбул

За мeне крајот на Бејоглу (со поново име Истиклал), главната пешачка улица во центарот на Таксим во Истанбул, всушност, е почетокот на еден од најубавите квартови во овој град т.н „Куледиби”. Се решив да пишувам за Куледиби токму поради тоа што верувам дека повеќето од вас што сте го посетиле Истанбул сте пропуштиле да го видите овој дел од градот само поради тоа што главната и широка улица Истиклал, наеднаш ви завршува и се преточува во мала тесна калдрместа уличка, па вероватно сте помислиле дека тоа е крајот на интересниот дел за шопинг, убави витрини, конзулати и хотели. Напротив, токму тука почнува делот со стотици дуќанчиња кои продаваат исклучиво дизајнирана роба, рачно изработени инструменти, автентични кафулиња, вкусни ресторани, апартмани со високи прозорци и покриви, галерии и се разбира, најзначајниот и најстариот изграден објект, кулата Галата, според која и квартот го добила името „Куледиби”, што во превод значи „под кулата”. Нема да ви раскажувам премногу за историјата на кулата, тоа и самите може да го прочитате доколку ве интересира, само ќе напоменам дека постои од I век на нашата ера, па вие сега „есапите” (пресметајте) што се има „видено”.
Она што мене ме воодушевува на секое проаѓање и погледнување нагоре, е дека токму од таа кула во далечната 1638 година е направен првиот скок, односно лет во воздух од човекот, или почетокот на параглајдерството во светот. Скокот го направил филозофот Хезарфен Ахмед Челеби со својот сопствен изум на „крилја”, инспириран од Да Винчи и успеал да го прелета Босфор, односно да лета цели 3 358 метра и да слета на другата страна на Босфорот – фасцинантно! И тогашниот султан Мурат IV бил воодушевен од настанот, па пред народот го наградил Челеби со многу злато, но набрзо потоа наредил да се протера во Алжир, плашејќи се дека човек што може да лета, може да прави што ќе посака. Од самата изградба во функција на светилник на почетокот на нашата ера во 507 година, и натаму кулата ги менувала своите намени, па била прогласена за Исусова кула, затвор, сеизмолошка станица, кула за надгледување на пожарите, за денес конечно да биде само туристички објект.

kulata_galata_naslovna_majkatiitatkoti
Кулата Галата, Истанбул

Иако со години живеам во Истанбул, на секое мое повторно враќање во Куледиби ме чека понекое изненадување. Освен продавниците за инструменти кои ги има со години и на кои изгледот не им се менува, во последно време како повторно да се откри вредноста на ова место, па старите чајџилници се заменија со нови, но вкусно и автентично уредени кафулиња и ресторани, што целосно одговараат на околината и нудат врвна услуга својствена за еден космополитски град во 21 век, заедно со новоотворените галерии и малите дуќанчиња што нудат исклучиво рачно изработена роба, од мебел до накит и се тоа за пристојни цени. Едно од ретките места каде што новото не го уништува или прикрива старото, туку напротив се вклопува архитектонски и наменски совршено природно во приказната. Чувството кога ќе се најдете на малиот плоштад под кулата е несомнено безвременско и беспросторно, но во воздухот најмногу доминира францускиот шмек. Еве само некоку препораки од моите омилени места од ова сокриено делче на Истанбул.

Појадок во Mavra.

istanbul-mavra

Тоа е едно од главните адреси каде што ќе го доловите духот на Галатакулата, може да го посетите во кое било време од денот, но ви препорачувам патот да ве доведе тамо за појадок. Уште на самиот влез отворениот бар со безброј слатки и солени чудесии ќе ве збуни, притоа внимавајте бидејќи најмногу време ќе потрошите за одлуката. Ако не сакате да влегувате во конфликти на менито го имаате и класичниот турски појадок „Серпме”, што е полн погодок за многу вкусови. Jас таму упорно ги нарачувам пржените лепчиња, кои ги користам за враќање на вкусот на детството поминато во Охрид. Ги сервираат исто како и кај нас, со превкусно бело сирење и домати, цената е 10 лири, а на чајот 2.5 лири.

Ручек во Kiva

Kiva_Han_Restaurant_Istanbul
GALATA KIVA HAN

Ако сакате да го почуствувате вистинскиот вкус на Анатолија, ресторанот Кива го нуди во изобилство. Од разни видови месо со сосови од суво овошје, до чудно, но вкусно приготвените зеленчуци како на пр. сармите полнети со сливи. Tаму одам за специјалитетот од подрачјето на Амасја, а тоа е сармата од бакла  и во студените зимски денови чорбата полна со „здравје” Лабада. Сармата чини 12 лири, а чорбата 3 лири.

kulata_galata_majkatiitatkoti
На зајдисонце за фотографирање и незаменлив поглед на Истанбул од 360 степени, ви препорачувам да се качите на покривот на Галата кулата. Има лифт кој ќе ве однесе до 5 кат, а натаму 2 ката се оди пеш до балконот од каде колку и да сте подготвени, сепак ќе ви се одземе здивот. Ете тоа би било вистинското место за уживање во мирисот на историјата и турското кафе. Влезот е 10 лири.

Вечера во Santral Dukkan 

Sntri Dukkan Istanbul Sntri_Dukkan_Istanbul
SNTRL DÜKKAN ISTANBUL, Photo credit: Ada Ayşe

Ентериерот е толку интересно и невообичаено направен од рачно изработени предмети и дизајниран мебел, што сигурна сум дека нема да сакате да излезете од овој ресторан. Во еден дел од ресторанот се продаваат предмети и разно разен „аксесоар” со потпис на познати дизајнери, а другиот дел на ресторанот е во удобност на вашата дневна соба. Ако го понесете со вас и вашиот лаптоп можете слободно цел ден да го поминете внатре без да ви здосади. Менито е претежно со вкусот на медитеранот, домашно направени таглиатели со шумски печурки, разни брушети, сомон на скара. Но, јас таму одам за нивниот специјалитет – хамбургерот кој е многу вкусен, а цената е 21 лира.

Квартот Куледиби, како што напоменав и претходно почнува на крајот на Бејоглу и се спушта до Златниот рог, односно Караќој. Слободно изгубете се по тесните улички, оставете нека ве носи убавината на амбиентот, не се грижете за патот, бидејќи секако ќе стигнете до мостот на „Златниот рог”, преку кој ако го поминете пеш ќе ги откриете многубројните местенца каде што се служи пиво и сендвич од риба. А на другата страна од мостот ве чека една друга приказна, Египетскиот пазар за зачини а со тоа и почетокот на стариот Истанбул, но тоа ќе го оставам за некое друго време.

Текстот е веќе објавен  кај нашите пријатели Локално МК , но не е на одмет уште еднаш овде…нели? 😉

Посетено 836 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!