Гласот на коледарчињата


На времето, едвај чекавме Бадник да дојде. Спремни уште од вечерта за Коледе, цела ноќ не спиевме од возбуда. Се натпреварувавме кој порано ќе стане, кој во повеќе куќи ќе отиде, кој поголема ќеса ќе донесе. Армија од деца беше тоа, распослана по улиците, пред портите, пред вратите. Ечеше нашата музика од рани зори. Пеевме со петлите. Врнело, веело, дувало, не беше важно. Се издржуваше. Се враќавме дома прегладнети, премрзнати и подгрбавени од тежината на кесите наполнети со скапани јаболка, костени и по некоја бонбона. Чоколадцата и портокалите беа посебен дар, за ситните парички и да не зборувам. Не ги даваше секој. Па ги истуравме по масите и си ги делевме. Со ококорени очи од мераци, со таква сласт и таква страст, што понекогаш и се каравме кој да го земе поубавото јаболко или чоколадцето. Затоа што им се радувавме. Како мали деца. Како деца всушност. Какви што бевме и какви што требаше да бидеме.

Денес, се помалку деца има за Коледе. Не знам зошто. Можеби родителите им велат „Не си просјак да се молиш по куќи за скапано јаболко, срамота е!“ или „Ладно е надвор, ќе настинеш!“ или можеби „Загаден е воздухот, нема да излегуваш!“? А можеби и до децата е? „Имам таблет, телефон, поинтересна занимација. Имам дома чоколади и бонбони и костени и портокали и мандарини колку сакам, што мајка барам по куќи да одам?“ Или пак „Кој да станува рано посабајле, синојка касно си легнав, заспав дури после мама и тато?“ Не знам, навистина, ама секоја ни чест. Како што успеавме на многу други полиња се да уништиме, и на ова поле на традицијата се докажавме. Го замревме гласот на коледарчињата 

Посетено 825 пати