Ги кинеме деновите како стари писма

lisjata gi kineme_majkatiitatkoti

ги кинеме деновите
еден по друг
како онаа детска игра
“ме сака, не ме сака”
во која цвеќињата
обезглавени остануваат
така е и со нашите денови
проклето долги
и волшебно кратки
полни очај
и еуфорија
ги кинеме еден по друг
додаваме нови брчки на лицата
ги продлабочуваме
темните кругови околу очите
си правиме рецки на срцата
цртаме љубовни графити
по телата
со слуз и пот
и со по некоја солза попатно
ги кинеме деновите
неосетно
како наши да не се
како да живееме туѓи животи
во тела кои не ни припаѓаат
со мисли кои сме ги позајмиле
зборови кои сме ги прочитале
и така ги туркаме ноќите
со тескоба во утробите
со свиени плеќи
од товарот на копнежите
без свесност за утрешнината
без да се погледнеме
каде ќе сме и кои ќе сме
за неколку години
ако сме тука
ако преживееме
ги кинеме деновите
како стари писма
пожолтени
со мирис на минатото
и никако да се сетиме
барем еден да зачуваме
во умовите да го сместиме
еден барем
полн смеа и радост
за да се сеќаваме
на старост еден со друг да се спомнеме
ако сме тука
ако ја доживееме

Посетено 2.588 пати