Двајца во Трпејца

….  Овековечени вчепатоци од моето прво (се надевам не и последно)
летување во Трпејца
.

trpejca-pocetna_majkatiitatkoti

Наутро смрдлива уста,
подуено лице и бушава коса.
Бањата е заедничка – ред во недоглед
(со чашка ракија на гладно срце
ја мијам росата од срцето).

Соседите од соседните соби –
три парови во години, со внуче,
не излегуваат од кујна.

Од 9 до 11 подготвуваат појадок,
од 12 до 15 ручек, од 17 до 20 вечера
(во меѓувреме јадат, небаре во меѓувреме ораат).
Не можеш да се пробиеш низ кујната
а камо ли јајца да си испржиш.

Плажата валкана ко ливада по втори мај.
Тесна и камена уште од камено доба.
Лигава езерска трева и несолена вода
(не сме на море, еби га).

Ако ги прескокнеме наездливите викенди,
со социјала и охридско-скопска аристократија,
местово е добро за заборавање и опуштање.

Туризмот подразбира безмозочност,
едно длабоко тежнеење кон неработење,
нешто што можат да си го дозволат и
домашните миленичиња.

Во таа смисла местово изобилува со таленти –
туристи преку цела година, вечни туристи,
неслучајни туристи и намерни намерници,
на кои не им можеме ништо,

освен искрено да им завидуваме.

07.2005.

 

Посетено 11.048 пати