Од авторот за авторот

Што да напише човек за стиховите што веќе ги напишал?

Што повеќе да каже од она што веќе го кажал во нив?

Како почна сето ова?

Некаде во моите рани тинејџерски години, татко ми, големиот „маестро“ Џамбазов, тогаш сè уште активен како композитор и аранжер, постојано учествуваше на конкурсите за големите фестивали кои во тоа време ги имаше во секој поголем град од тогашната федерација, и сè повеќе имаше потреба од добри текстови за своите композиции. А текстописци имаше сè помалку и помалку.

И еден ден… реши да ми даде шанса.

А јас… не ја пропуштив.

Оттогаш наваму напишав илјадници стихови. За сè и сешто.

За детски композиции, театарски сонгови, стихови за моите колеги-актери, за рекламни кампањи, радио­реклами, новогодишни претстави, текстови за „народ­њаци“, рокери, текстовите за сонговите од легендарна­та претстава „Женски оркестар“, а во последните два­есет и пет години стихови за моите песни, за мојот блуз-бенд, како и за најголемите поп-пејачи и групи на на­шево музичко небо.

За „Нокаут“, Тамара, Тијана, Каролина, Ребека, Калиопи, Елена, но и за многу млади и сè уште неафирмирани пејачи.

Пријателе мој.

Во оваа книга ќе најдеш стихови кои навистина успеале да опстанат во ова време во кое инвазијата од кичот и шундот достигна кулминација.

Ќе најдеш „хитови“ кои публиката и денес ги пее наизуст на моите концерти, но ќе најдеш и за тебе наполно непознати текстови кои се нашле тука само затоа што ми се мене посебно драги.

На крајот ќе најдеш и некои стихови кои јас нескромно ги сместувам во графата – „поезија“.

Кога почнав да ја подготвувам оваа книга сфатив дека повеќето од насловите на моите песни личат на улични графити.

Затоа и ја нареков книгата вака.

Улица „Диши длабоко“.

Е па, пријателе мој, читај… и диши длабоко.

Промоција: Улица диши длабоко – Игор Џамбазов 27 декември, 19 ч. Вип База  Издавач: Издавачки центар ТРИ

ДИШИ ДЛАБОКО

Имам еден другар,
еден од оние малкуте што не ми згрешил,
дури и ме утешил…
Се гледаме ретко,
ретко ама многу, многу квалитетно
и дискретно ќе ме распраша:

Како си, што си, кај се изгуби?
Како си, што си, па гледам добар си?
Како си, што си, си се изменил?
Како си, што си?
Си се здебелил…

Него го сакам дека има една чудна,
една малку-многу блудна филозофија.
А таа гласи:
„Ако си скаран, баран, спречен, лечен,
најди поле, поле широко,
Па земи воздух и диши длабоко.
Затвори очи и диши длабоко.
Исклучи уши и диши длабоко.
Растерај мисли, па диши длабоко“.

И бргу сфатив дека ова чудо делува
и развеселува.
Некоја чудна сила право в срце ти се вселува,
ова стварно делува.
Ајде другар, најди едно наше поле широко
и диши длабоко, и памти:

„Заб за заб, око за око… ти диши длабоко“.

Пред некое време,
се сретнавме во едно мало место депресивно,
дури приспивно.
Тој малку скаран, јас многу баран.
Тој многу спречен, јас малку лечен.
Тој малку down, јас многу clown,
На мајка личен… клаустрофобичен.

Ме праша:
„Како успеваш да бидеш жив?“
Па, дишам длабоко.
Луѓе злобни, ама кој ги врти нив,
јас дишам длабоко.
Ајде другар, најди едно наше поле широко,
па диши длабоко, и памти:

„Заб за заб, око за око… ти диши длабоко“.

Посетено 1.456 пати