Игор Џамбазов: Кога точно е роден дедо ми 5-ре?
– Извадок од книгата „Облечен човек“
Најсмешно од сè, пријателе мој, беше фактот што дедо ми 5ре не знаеше точно кога е роден! Да, да, добро прочита…
За време на Првата светска војна, во пожар изгорела општинската архива на градот Велес. Целата таа генерација останала без какви било документи за раѓањето, без извод од матичната книга на родените, без никаква трага за своето битисување. Како да не постоеле.
Кога дошло време дедо ми 5ре да се јави на регрутација, да појде во војска, и на тој начин да им се оддолжи на Кралот и „отаџбината“, отишол до општината, па на прашањето кога е роден, тропнал од прва:
„Тринаесетти март.“
И ние цел живот го прославувавме неговиот роденден, токму на тој измислен датум. Иако тој многу повеќе си сакаше кога ќе се соберевме на Петровден, на неговиот именден, па во неговиот двор ќе организираше скара и вино, ќе ги собереше сите најблиски, ќе ја земеше гитарата, па се опушташе до даска. Сепак, остана таа вечна дилема во семејството. Кога точно е роден?
Неколку години пред да нè напушти, изрази желба да го однесам во неговата семејна куќа, на Којник. Дали тоа беше желба на човек што чувствува дека крајот му се приближува, тогаш сè уште не ми беше јасно. Важно дека отидовме. Нè пречекаа сите видни велешани. Се прошетавме малку низ Велес, малку повеќе низ Којник.
Седнавме пред тамошната „кооперација“. Дедо ми 5ре нарача пива и шприцери за цел Којник. Чоколатца за децата, цигари за возрасните, понекој автограм…
Уживаше во тоа. И не го криеше. Него не го интересираше тоа што ќе кажат за него театарските и филмски критичари. Нему му беше најважно што мислат за него обичните луѓе.
Кога тргнавме да си одиме со неговиот „форд таунус“, сретнав ме едно деденце што седеше на скаличките од својата куќа. Додека поминувавме покрај него, дедо ми му кажа едно протоколарно „здраво“, па продолживме.
„Здраво, побратиме.“
Застанавме. Деденцето стана со помош на бастунчето. Тргна кон дедо ми 5ре, се поздравија, па се гушнаа.
„Од каде бе, ти и јас побратими?“
Побратимот повторно седна. Почна да раскажува приказна која дедо ми не ја знаел. Двајцата се родиле во растојание од 24 часа. Прво тој, а утредента и Петре.
Мајка му на дедо ми, мојата прабаба, немала доволно млеко за да го дои, па нејзината другарка и комшика, мајка му на побратимот, ги доела и двајцата.
Дедо ми 5ре ги рашири очите, а на усните му се разлеа една нежна и наполно смирена насмевка. Беше убеден дека конечно ќе го дознаеме точниот датум на неговото раѓање. Го праша деденцето:
„А кога си роден ти бе, побратиме?“
Побратимот се потпре на бастунчето, па направи една голема и значајна драмска пауза.
„Кога му умрело магарето на чичко ми Никола.“
Комплетната делегација се насмеа. Дедо ми најмногу. Го гушна побратимиот за последен пат.
„Да си го ебеш векот, да си го ебеш, побратиме…“
Додека се враќавме кон Скопје, го умрев од зафркавање.
„Е па вампир, сега барем точно знаеме што треба да ти стои во личната карта, во рубриката ’датум на раѓање‘. Ќе си стои, убаво: Роден дента кога умрело магарето на Никола.“
Повлече еден голем дим од лулата, па го пушти радиото.
„Дете… ќе си одиш пешки до дома…“