Живеам во земја каде најмногу се умира од демократија, патриотизам и вера, а не од корона – Фросина Ѓорѓиовска

Живеам во држава каде црквата не го одобрува абортусот, освен ако не се работи за абортус на калуѓерка. Живеам во држава каде црквата не ја одобрува ни хомосексуалноста надвор од неа.

Живеам во држава каде политичарите ми кажуваа дека треба да имам многудетно семејство за да се зголеми наталитетот на Македонците. Не ми се мешајте во меѓуножјето. Тука само јас одлучувам.

Живеам во држава каде самохраната мајка е курва и распуштеница, а самохраниот татко е херој. Каде мераклика означува промискуитетност и срам, а мераклија е врвен комплимент.

Живеам во држава каде сум послаб пол затоа што имам јајници, а не јајца. Каде што овој мој вулгарен речник ќе ви забоде очи затоа што сум женско и треба да сум културна и фина. Јебала ве вас финоќа кога живеете во време каде ако детето го носи презимето на мајката е копиле.

Живеам во држава каде е важно да го развееш знамето и да шириш национализам скриен под изговорот дека тоа е патриотизам, а не е ти е гајле тоа што платата ти е висока колку сметката за струја.

Живеам на едно парче земја каде црквата и џамијата се користат за потенцирање на разликите, за верска нетолеранција, место за ширење добрина и еднаквост. Јебала ве вас и црква и џамија и патриотизам и европска интеграција, кога не ви е важно тоа што вашите мајки, тетки, сопруги, работат прекувремено и под притисок како шивачки, пеглачки, чистачки, во текстилни фабрики за плата од 200 евра.

Живеам во земја каде најмногу се умира од демократија, патриотизам и вера, а не од корона.

Фросина Ѓорѓиовска

Посетено 5.665 пати