Зборувајте ми луѓенца за името, автопатот, за НАТО и ЕУ, за оваа или онаа партија
Момче починало од анестезија поради ретка компликација (некоја си малигна хипертермија) за која лекот – една ампула на светскиот фармацевтски пазар на големо чини само 32.82 долари, а кај нас ја немало, ниту пак некогаш сме ја набавувале.
Да биде трагедијата уште поголема, се фали Министерството за здравство дека лекот ќе го донирала некоја американска фондација… сега, откако детулето си отиде
Зборувајте ми луѓенца за името, автопатот, за НАТО и ЕУ, за оваа или онаа партија, ставајте слики од политичари наместо профилни слики, воспевајте ги! Зборувајте ми постојано, непрекинато, неуморно, за да заборавам дека живеам во држава во која детенца ни умираат затоа што немало соодветен лек. За да заборавам дека живеам во држава во која на резултатите од обична крвна слика не можеш да веруваш зошто реагенси немаат секогаш, во која за обична инјекција во амбуланта или на клиника мораш сам да си купуваш шприц или игла чија дебелина не знаеш да ја потрефиш па поради тоа можеш грутки и модрици со месеци да си носиш… Газа, шприц, фластер немаат, ејјјјјјјј, кои севкупно не чинат ни 50 денари, а камоли ампули за „не дај боже“ Зборувајте ми за името, автопатот, партиите, политичарите ве молам… можеби ќе успеам да заборавам на овие „небитни“ работи што не убиваат секојдневно, сите нас, еден по еден, сите по ред… зборувајте ми…