За „грдите“ без влакна на јазик

Живееме во заблуда кога луѓето ги оценуваме според надворешен изглед. Убави биле оние кои се привлечни, додека грди биле оние кои немале префинети црти на лицето. Па така, според оваа дефиниција ние го делиме општеството на убаво и грдо.

А, каде всушност, ние грешиме? Тоа што го забораваме да го вметнеме „убавиот карактер“, како и „грдиот карактер“ во целоснта анализа на човекот.

Убавите жени се оние со истакнати природни усни, светла боја на очи, бело и чисто лице, атлетско тело, обликуван задник, големи гради… Е, такви се наоѓаат само во списание, драги мои мажјаци. И тоа со фотошоп плус за да изгледаат нежни и галантни. Не велам дека во реалност нема такви, има…

Но, никој не е совршен… Па за вас ако има девојката тело гром, има фаца гроб и обратно. И тоа јавно си го искажувате, зарем не?

Ако ти се допаѓа барем една ситница кај неа, ќе заборавиш на десната бубуличка, а со секоја плус ствар сѐ повеќе останатото ќе станува понемарно. И така ќе се заљубиш во нејзиниот карактер, а не во физичкиот изглед.

Јас не велам дека треба секој со секого да биде, но да разгледаме подобро. Гледаш жена дотерана од глава до пети со скап парфем како поминува крај тебе, но не те перцепира. Со дигната глава си продолжува крај тебе, и вие жени не ми се вадете дека грешам кога добро гледам какви нѐ има… Уште па поладни се однесувате со жените, небаре сите на светот ви се конкуренција….

Нејсе, да продолжам, ти се заљубуваш во неа, и она нешто како пошушта.. Се фаќате, идете некое време, ама таа некако не те разбира баш најдобро, знаеш. Не ги разбира твоите хобија, не е таква женска, сака забави и само на кафиња да дреме. Епа? Не е тоа проблем? Проблем е и тоа од најголеми размери.

Разбирањето и довербата се темел на секоја врска, а ете ти оп од почеток хаос. Ама битно ти го сакаш нејзиното тело, ја сакаш нејзината намуртена фаца на којашто секогаш паѓаш… И врската трае сѐ дур не пукне, па на крај раскинувате за ситница. Не, тоа не е ситница, тоа е капка што ја прелила чашата, пријателе.

Следна ситуација: Кежуал девојче со патики и фармерки, блага шминка, без контурирано лице ко што сега сите прават, не дај боже наутро без шминка да ги видиш, ама битно на кафе и навчер се убавици. Се запознавате, муабетот убаво ви оди. Коментира дека Манчестер го утепал Челзи, ти се смееш на тоа како умешно ти вади теми за муабет од ракав.

Ама, не… Ти ќе ја одбереш за другарка, а таа ќе се надева дека еден ден ќе сте биле заедно, дека ќе ја погледеш во вистинско светло. Почнува за тебе да се менува, ама ништо. И’ местиш другари, успат се удвараш на нејзини другарки и тако даље и тако ближе. Зошто? Кога вие совршено си одговарате, зошто? Затоа што таа не е идеалната замисла во твојата глава, а твојата замисла е некоја како Андријана Лима, реално гледано.

Не ми кажувајте дека сакате карактер, ни вие жените, ни вие мажите. Не го цените карактерот доволно кај човекот, а со тоа си го прикажувате вашиот простотилук. Сетете се уште еднаш кого ќе наречете грд, а кого убав. Кому ќе му симнете капа, а од кого ќе очекувате да ве стави во каша.

И само за крај, за грд човек сите се грди, а за убав сите се убави – рече еднаш една моја добра другарка. И да, во право е.

Марија Прличкова

Посетено 601 пати