ТИ КАРТА?
Во автобус. Влегува „батка“. Како шериф. Ни добар ден, ни ќе ве молам, дрско им се обраќа на патниците „ТИ КАРТА?!“ Како мафијаш некој, со закана во гласот „Мисли му ја ако немаш!“ Начека една жена. Немам поим што беше проблемот. Дали немала Скопска, дали не ја куцнала. Не знам. Така безобразно се расправаше со неа, што дури и мене страв ме фати. Кога влегуваш во гужва, се случува да не ја куцнеш правилно картичката. Пар секунди треба да се избрише записот од претходниот, за да се вчита новиот. Некогаш ја подаваш некому да ја куцне зошто далеку ти е апаратот. Се е можно. „И јас ли сум жената?“, си помислив. Остај друго, срам ќе ме изеде за 35 денари, не ми доликува на годиниве да се шверцувам во автобус…
Се разжести расправијата. Жената културно, но толку жестоко се бранеше што секој нормален би помислил дека беше во право. „Ќе ве пријавам. Сакам да ми го кажете името и презимето. Идентификувајте се.“ На нејзиното инсистирање си доби едно „Која си па ти тебе да ти се идентификувам ма“, и ред други навреди и закани. Дури и да не беше во право. Не заслужи таков однос, таков третман. Откако контролорот шкртна нешто што ми личеше на казна, жената ја исфрлија надвор на следната станица. Му нареди овој на шоферот да чека со отворена врата додека таа не се симне. Негодуваа патниците „Како не ти е срам? Каква е таа некултура?“ Залудно. Типов уживаше во настанот што го предизвика. Во својата „важност“. Штета, млад човек. Насилник, за кого најверојатно врвно достигнување е баш тоа – во автобус на ЈСП да нападнеш и навредиш жена која може да ти биде мајка!
Само уште еден банален пример за тоа како (не) ни функционира државата. Ама таквите примери се најдобри. Замислете, ако треба да се бориш за твоето право да користиш јавен превоз и да бидеш третиран како човек од страна на оние кои од свој џеп ги плаќаш, до каде сме дошле? Не верувам дека ѝ беше дојдено на жената до 35 денари, па за нив во таков конфликт да влегува и безбедноста да си ја ризикува. Не, не се работеше за тоа. За неправда се работеше. Бев сведок на секојдневна борба против неправдите кои ги гледаме на секој чекор и бунт против односот на службените лица кон нас како да сме стока која може слободно да се казнува и камшикува без никој притоа да сноси одговорност. Од тие самопрогласени газди на се што е државно и јавно, а кое си го третираат како приватна сопственост… од таквите ѝ беше дојдено преку глава на жената. Сочувствував со неа. Сум имала сличен третман. Познато ви е чувството и вам, верувам.
Контролори. Знаат ли дека од парите на Скопската картичка на таа жена земаат плата? Ги учи ли некој пред да ги вработи како треба да се однесуваат со деца, бунтовни адолесценти, насилници, стари, со пијани, со вљубени, со бездомници? Знаат ли до каде можат да одат, умеат ли да се справат со евентуален конфликт, да спречат да не дојде до него? Ма јок. Се занесов со прашањава, заборавив каде живеам. Мускули, погана уста и евентуално партиска книшка. И тоа е се што им треба.