Се слушна гласот на знаковните толкувачи! – Искрено со Викторија Волак

Да се слушне гласот на некој кој речиси секојдневно го гледате на прес-конференции како комуницира со знаковен јазик е навистина задоволство. Така барем ни беше нам, кога ѝ го слушнавме гласот на Викторија Волак.

Нејзиното име за многумина можеби не значи ништо, но значи за илјадниците лица во Македонија кои имаат проблем со слухот. И токму таа е една од оние кои редовно стојат десно од министерот за здравство Венко Филипче, но и зад останатите владини претставници во последниов период, на прес-конференциите поврзани со епидемијата на коронавирусот.

Гласот на Волак е навистина пријатен за уши, таа е расположена за разговор и за својата професија вели дека е „мост меѓу два света, на звукот и на тишината“.

Волак предава во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, средно стручно училиште за ученици со оштетен слух, мајка е на две деца, а во последниов период и толкувач на знаковен јазик на владините прес-конференции. Се случува дневно да присуствува и на пет прес-конференции во Владата, секоја на различни теми.

„Осум колеги сме и ротираме на прес-конференциите. Кога во земјава го имавме првиот случај на коронавирус и кога почнаа да се одржуваат редовните прес-конференции, немаше толкувачи на знаковен јазик. Тогаш повеќе луѓе со проблеми со слухот изреагираа, велејќи дека и тие имаат право да бидат навремено информирани. Еден од новинарите го постави и прашањето на прес-конференција и тогаш не исконтактираа од Владата. Јас бев првата што застанав на прес-конференција до министерот Венко Филипче. Имав трема, навистина имав. Никогаш дотогаш никој од нас немаше застанато јавно на телевизија“, раскажува Волак.

Таа вели дека не биле запознаени со сите медицински термини, морале да читаат дополнителна литература, а тремата се зголемува и со оглед на фактот што воопшто не знаат какви информации ќе каже министерот на прес-конференцијата.

„Синонимот за коронавирус во знаковниот јазик веќе беше познат, откако се случи епидемијата на Ковид-19 во Вухан. Кога сакаме да го претставиме коронавирусот, едната рака ја држиме како тупаница, а другата ја шириме, како пипци, токму онака како што изгледа вирусот. Понекогаш мораш и да заиграш, ако соговорникот зборува за тоа, како на пример вчера, кога психолозите зборуваа за тоа како подобро да се помине времето во изолација. Она што е многу важно е да се сокријат емоциите и во целост да се потпреме на интонацијата на соговорникот. Не смееме да ги вознемириме глувите лица, а сепак треба да ги пренесеме туѓите емоции. Затоа, ја имаме таа среќа што министерот Филипче зборува со многу смирен тон, па истата интонација ја пренесуваме и ние преку знаковниот јазик“, раскажува Волак.

Една од најстресните ситуации таа ја доживеала во петокот, кога беше свикана вонредна прес-конференција во Владата утрото, кога министерот Венко Филипче информираше дека во изолација се двајцата лидери на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, откако учествувале на интервју кај уредникот на „Канал 5“ телевизија Гоце Михајлоски, кој е позитивен на коронавирусот.

„Си реков, штом ме викаат вака рано, ова не чини. Се спремив набрзина, срцето ми чукаше забрзано, не знаев што ќе соопштат, но силно се трудев да ги сокријам емоциите. Во тој момент едноставно пробуваш да се исклучиш од се, додека мозокот ти работи 300 на час и е насочен само кон она што го вели лицето што зборува во моментот и неговата интонација“, вели Волак.

Со оглед на тоа што често е присутна во Владата, вели дека на моменти чувствува страв, но дека станува збор за „разумен“, а не за „паничен“ страв.

„Свесна сум дека не сум 100 проценти заштитена и често ете размислувам, што ако се случи… Но, се обидувам тоа да го ставам во разумни рамки, за да не ме надвладее паничен страв“, вели Волак.

Самата таа потекнува од семејство на глуви лица. Нејзината мајка го изгубила слухот кога имала 6 години, а нејзиниот татко на двегодишна возраст.

„Така и го научив знаковниот јазик, како впрочем и многу од нас. И горда сум на тоа. Овој јазик нема предрасуди во однос на јазиците, за секого е ист, еднакви сме по однос на глувоста. Си имаме свои шеги, дури и вицовите ни се сосема различни, едноставно ние сме посебна културолошка заедница со која се гордеам“, вели таа.

Грубата проценка е дека во земјава има 6.000 глуви лица, но оваа бројка не е потврдена бидејќи ниту една институција досега не се позанимавала со ова прашање.

Мери Јордановска

извор: а1.он

Посетено 1.988 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!