Нина Костовска за животот, жените и различностите: Не го гледајте општеството искривено и со предрасуди, туку со љубов


-Клара Цеткин во минатото се борела за женските права, за да ние денес ги уживаме. Но, тоа не значи дека не треба да продолжиме. Сметам дека жената треба сама да се избори за свое место во опшеството. Да се бори со својот талент и со способностите кои ги поседува. Мене „8 Март“ најмногу ме потсетува на мајка ми. Се уште ми е драго да се сеќавам на цртежите што сум и ги цртала со пораката: „Среќен празник мила мамичке“. Секако, дека од моето детство е и учителката. Кога сите во училиште собиравме пари да и купиме нешто. Тоа се двете жени херои со кои декое дете почнува да чекори низ животот. Времињата се менуваат, некогаш едни жени се бореле за своите права, други денес добиваат подароци. И тоа не е лошо, но не треба жените, особено мајките да се почитуваат само овој ден, туку секој ден треба да бидат исполнети со внимание и љубов. И сопругот и децата треба да ја сакаат жената, мајката секој ден и да и купуваат подароци без повод, вели Нина.

    Со кошаркарите Гечевски и Антиќ

Нина има 26 години, таа е девојка со Даунов синдром и е пример за тоа како жените треба сами да си го трасираат патот. Дипломирала на Филилошкиот факултет а сега е дел од тимот во библиотеката на Владата. Била и дел од кампањата на УНИЦЕФ „Биди фер- за детство без пречки“, во кое видео може да се види ограниченоста и предрасудите со кои живеат луѓето.

-Сметам дека жените не треба да зависат од мажите  туку да имаат своја професија. Жената не треба да биде само домаќинка и мајка, туку да се бори за себе и да постигнува резултати. Јас уште како мала многу сакав да читам книги, имав поддршка од семејството и пријателите и најголема желба ми беше еден ден да имам своја професија. Еве денес скоро сите желби ми се исполнети. Среќна сум што сум жива и здрава и што постигнувам резултати. Како млада личност секако дека имам уште неостварени желби. Сакам да патувам. Сакам да ја посетам Турција и да одам во Барселона. Многу го сакам спортот и животна желба ми е да го запознаам Меси. Го обожавам. Ја сакам Шпанија и сакам да го учам шпанскиот јазик.  Ја сакам музиката, ја сакам Џенифер Лопез.  За успешни жени ги сметам и Ангела Меркел и Џулија Робертс. А највеќе од сите секако е мајка Тереза. Таа е најголемата од сите. Кај нас за мене успешна жена, која многу ја сакам, е Тамара Тодевска, додава Нина.

Нина со омилената Тамара Тодевска

Според Нина за да бидеш успешен треба да имаш поддршка и љубов. Само тогаш може да се постигнуваат успеси и да се оформиш во добра личност.

-Најголема поддршка ми е мајка ми, односно целото мое семејство. Тоа е безусловна поддршка и љубов која ми ја дават секојдневно. Навистина голема љубов и внимание.  Откако знам за себе ме поддржуваат, ме тераат да се борам и да не се плашам од ништо. Да се изборам со моите предрасуди. Затоа на сите кои имаат предрасуди им препорачувам да се исполнат со љубов. Родителите да ги воспитуваат своите деца да не го гледаат опшеството искривено, туку да ги насочат да бидат добри луге. Сите заеднички да се бориме за еднакви права. Сакам да гледам добри, среќни и насмеани лица. Јас сум среќна и се околу мене ме прави среќна, вели Нина и додава:

 Со актерот Сашко Коцев

-Додека растев моите родители ме лекувале со еден добро познат и стар лек. Лекарот им рекол да ме отпишат, но тие место да ме отпишат, ме запишаа и еве денес сум дипломиран филолог. Не ме отпишаа, напротив ме лекуваа со преголема љубов, кое лекување трае до ден денес. Јас од нив овој лек го добивам секој ден, на секој час а понекогаш и секоја минута. Затоа ќе им порачам на сите дека без овој лек, без љубовта сè е изгубено. Во еден говор реков дека дури и целиот свет да ви каже дека вашето дете е отпишано, не отпишувајте го никогаш, тоа ќе надокнади сè. Така и се случи, вели таа.

Весна Миленковска ММС

Посетено 289 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!