„Читателите прашуваат, авторите одговараат“ со Марија Прличкова

Читателите два пати неделно во групата Размена на книги и книжевни муабети имаат можност да ги прашаат авторите, а овие пак да им одгворат.

Марија Прличкова (Маци) е родена на 9.2.1994 во Скопје и е апсолвент на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот Гоце Делчев. Своето средно образование го завршува во Економско-правното училиште „Васил Антевски-Дрен“ како економски техничар.

Љубовта кон пишувањето ѝ се раѓа во основно образование, најпрвин во форма на поезија, а потоа и проза. Својот прв обид за драма го прави на 12-годишна возраст, а за роман на 14 години. По него следуваат уште два обиди за книги, за кои таа верува дека еден ден успешно ќе ги реализира.

Својот прв реализиран роман насловен како „Марла – кучката“ го напишала во 2015 година, верувајќи дека по него ќе следуваат уште два романи „Марла – дамата“ и „Марла – домаќинката“. Но, сепак, наместо продолжение, во 2020 успешно ќе излезе од печат римејкот на романот насловен како „Моето име е Марла“.
Практично, првиот роман е увертира за она што ќе се случува во новото издание.

Од каде ја црпиш инспирацијата за пишување и што значи пишувањето за тебе?

Мојата главна инспирација се луѓето, оттаму и ја црпам. Пишувањето за мене значи живот, исто онака колку што на актерите театарските штици им значат. Нешто без кое не би можела да се замислам…

„Што „конзумираш“ за си секогаш насмеана?“

Конзумирам многу љубов и позитива во текот на целиот ден, алергична сум на негативности и се трудам максимално да ги избегнувам. Малку познат факт е дека од од класична плачка и намќор се преобразив во најнасмеаната девојка која некогаш сте ја запознале, хаха.

„Која е твојата ѕвезда водилка што те води во твојот творечи опус, мисла, личност или визија?“

Во почетокот беше мајка ми, а сега е Емил, мојот партнер. Во иднина, ќе бидат моите деца за кои ќе ги посветам сите мои дела.

„Очекувам од тебе некоја книга во стил на “Е баш ме заболе”, толку зрачиш со позитива, фер е да ја споделиш тајната за тоа со сите…“

Не-фикцијата ми е дефитивно во план и верувам дека ќе ја реализирам! Дефитивно, коцката за мојата позитива ќе биде фрлена, а картите од отворени!

„До кај си со римејкот, зашто нели требаше да има промоција оваа година, али со оглед на ситуацијава?“

Короната ни ги помеша плановите, а и мене ми одговара. Искрено се надевам дека ќе се гушкаме на промоција летово на отворено секако!

„Како до „Марла“?“

Првиот дел само во кафе Меднес, а римејкот се надевам секаде ќе биде достапен.

Благодарност до Денис Бојаров за отворената можност, како и да сите читатели и членови на книжевната група!, вели Марија.

Посетено 1.177 пати