Погреб
[fblike]
Капелата е тесна и задушлива –
дури и мртовецот пребледел.
Попот пее веќе половина час.
Пее, чита и рецитира,
и ако продолжи уште малку
ќе мора да се ископа уште некоја дупка.
„Убаво пееше попчето“ – вели една бабичка.
„Убаво, убаво“ – одговара другата бабичка.
Секој од блиските држи по една запалена свеќа,
искрена молитва што на мртовецот
ќе му го осветли патот до бога.
Прегрешенијата се повеќекратно простени.
Телото наскоро ќе се протне низ вратата на вечноста
но душата е жива и можеби е меѓу нас
и можеби нечујно кива во облаците од темјан.
Потоа две леви и две десни раце.
Кола, капак, крст, цвеќиња и венци.
И повторно попот
(млад, селски, мангуп со брадичка)
кој го кажува последниот збор додека
гробарите импровизираат примитивен лифт.
Потоа живите фрлаат по една грутка земја –
за да му биде лесна земјата.
Па попот истура малку црвено вино –
за да му биде…
Па повторно се на ред гробарите
но овојпат креваат толку многу прашина,
што сите безглаво се разбегуваат од гробот,
небере преплашени,
небаре виделе мртовец.
07.2000.
Посетено 863 пати