Каков ли ќе беше овој свет, ако наместо лошотија, никнуваше добрина?
Се прашувам што ли ќе беше ако имаше толку добричини колку што има психопати на светов… Каква ли утопија ќе беше тоа… Ќе им се восхитувавме и ќе се стремевме да бидеме како нив, ако не и подобри…
Ама не. Се’ повеќе психопати никнуваат како печурки после дожд. Земаат сила од нивните “идоли”.
Отсекогаш сум ги презирала лошите, оние кои сакаа да се изживуваат врз беспомошните.
Ги презирав професорите кои лечеа комплекси врз учениците, ги презирав соучениците кои вршеа булинг врз другарите, ги презирав децата кои малтртираа животни, ги презирав… А денес, денес се’ повеќе сакам да има правда. Ништо повеќе.
Презирот е чувство. А какви чувства да имам кои оние кои се бесчуствителни?!
Знаете ли драги професори, колку деца поради вашето лечење на комплекси не го финишираа својот сон како вашиот?! Знаете ли колку работи можевте да ги научите, но створивте само аверзија и гнев? Не знаете?! Тогаш сте ја утнале професијата, жалам. За да си професор, најпрво треба да си педагог. Кај нас тоа речиси е мисловна именка. За среќа, има неколку наставници и професори кои оставија силна трага во мојот живот на крајно убав начин. Ги раскажувам насекаде! И останатите, само на лош начин. Како да кажам, крајно брутален и реален.
Вие булинчари, не очекувам ни да знаете колку ја имате скршено детската фанатзија затоа што се’ уште со истиот пилеќи мозок од тогаш. Уште едно жалам. Но, емпатијата се учи од мали нозе, кај вас како да изостанала. Но, имам некоја надеж дека еден ден ќе создреете. Никогаш не е доцна. Можеби, кога ќе имате деца?!
За последниве… Уф. Боли и корне. Полошо од секој вид на “зликовец” од лоша играна серија. Е тука не сакам ни да помислам. Тука се кријат вистинските психопати… Тука се крие најголемиот проблем. Тука се кријат идните злосторници. И се надевам од дното на мојата душа дека следен пат кога ќе видите дете како измачува животно, спречете го. Однесете го и на психолог/психијатар. Немојте да одите со “а бе дете е” затоа што и оној со пушката некогаш бил дете и оној кој спали куче некогаш бил дете.
Ех, утопијо светска, ќе те доживееме ли некогаш, или ќе остане желба пуста?!