Како се крши срцето?

„Ми го скрши срцето“, велам.

„Мислев дека си ја прераснала таа фаза“, ми одговори.

„Нема што тука да се прерасне“, возвраќам, изненадувачки ладно за кој истото тоа срце го лепел и го составувал со години – Само во некој момент прекинуваш да бегаш од фактот дека си скршен, и почнуваш да се составуваш.

„Но јас никогаш не сум… сакам да кажам, ние никогаш не сме… разбираш. Немаше ништо тука. А и да имаше… Само би ти ги разбил илузиите“, се обидува да се одбрани.

„Па, затоа, наместо тоа, ми го скрши срцето“, заклучувам.

И тогаш само ќутиме. Не знам околу што тој размислува, но еднаш кога конечно срцето ќе ти се врати на место, ќе ти биде совршено јасно зошто е полесно да живееш со разбиена илузија, отколку со скршено срце.

Затоа што илузијата ја кршиш со искуство.

Ја кршиш сфаќајќи дека она што си го замислувала не е нужно за она што всушност го добиваш.

Ја кршиш кога ќе станеш на лева нога, па сфаќаш дека тој нема баш разбирање за тоа.

Кога тој не станува до четири попладне, па сфаќаш дека ни ти немаш разбирање за тоа.

Кога превртува со очите на твоето друштво. Кога не можеш ни да се погледнеш во неговото друштво.

Кога заборави да ти купи чоколатце. Кога ти забораваш дека кикириките му предизвикуваат алергија.

Кога си болна, а него го мрази да излезе по лек. Кога не му е денот, а ти не го ни прегрнуваш.

Кога во сите други има повеќе доверба отколку во тебе. Кога не се чувствуваш сигурно покрај него.

Кога се расправате околу глупости, а премолчувате големи ствари.

Кога повеќе нема време за тебе.

Кога повеќе немаш сили за него.

Кога чувствуваш дека ти треба нешто друго, затвораш врата и тргнуваш понатаму со една илузија помалку.

Ги фрлаш тие несреќни остатоци илузија во контејнер, го носиш мозокот на пиво и некое време само седиш и дишеш, додека срцето не ти биде спремно повторно да заигра.

А срцето…

Тоа е друга работа.

Срцето ѓаволски тешко се составува затоа што се крши сè додека илузиите живеат.

Милица Станисављевиќ

Посетено 880 пати