Интервју за Фокус со Гоце Трајковски, режисер: Мислев дека филмот за Анче ќе е едноставен!

Младиот студент по режија, Гоце Трајковски-Тарантино иако се уште официјално не ја добил факултетската диплома, тој веќе зад себе има сериозни проекти на кои работел во изминатиот период.

Трајковски беше сценарист и асистент на режија на документарниот филм за актерката Анче Џамбазова и беше вклучен во македонската серија „Преспав“, која досега имаше успешни четири сезони.

Тој во интервју за „Фокус“ раскажа и за соработката со Игор Џамбазов, со кого работи на документарен филм за него, но и за случките за време на снимањето на „Преспав“.

Целата моја приказна со семејството Џамбазови има еден интересен драматуршки тек на настаните. Расплет кој воопшто не можеш да го планираш и очекуваш. Од самиот филм за Анче, па се до спотот за новата песна на Игор кој го снимивме за време на ручек пауза од снимањето на тв серијата „Преспав““, го започна разговорот Трајковски.

Пред да почне ангажманот за документарецот за Анче Џамбазова, Трајковски работел и на документарен филм за Перо Стратров и мислел дека се ќе биде едноставно.

Очекував за филмот за Анче да биде едноставно, знаев што точно ми е работата. Се до оној момент додека не го сретнав професионално на сет маестро Александар Џамбазов. Тој ми беше најголем предизвик во тој проект“, додава младиот режисер.

Како што додава тој, собрал многу материјали од МРТ, кои планира да ги искористи во документарниот филм за Игор Џамбазов, насловен како „Гол човек“. Додека се снимал филмот за Анче, емоциите преовладувале, раскажува Трајковски.

Има една реплика маестро Александар во филмот, каде вели: Кога ви раскажувам за тоа време, си мислам дали сонувам, дали фантазирам. Како можевме да бидеме толку добри другари.. и се кај нас да се собираме и да се дружиме. И навистина разговорот со него е патување низ едно време кое ние денес можеме само да го замислуваме, од аспект на културата и начинот на живот. Секако дека ќе преовладува емоцијата кога станува збор за толку голема приказна“, вели Трајковски.

Секое ново искуство за него е значајно. Тој вели: нашата работа е занает. Како што им раскажувал големиот Горан Стефановски: Треба да биде Факултет за драмски занаети, а не за уметности. Затоа што уметноста не се учи, туку занаетот.

Што се однесува до филмот за Анче Џамбазова, Трајковски вели дека не можело да се постигне да се доловат сите моменти, туку во прв план биле ставени оние најзначајните.

Тој додава дека од текстовите и приказните на Игор Џамбазов добил идеја и да се сними филм за него.

Маврово кога ме покани Пиже да им бидам гостин, таму снимивме една поема од Блаже Коневски „Убавите жени на мојот народ“. Потоа заминавме за Гари, во принцип поминав со него низ многу градови и села. Кога патуваш со него низ Македонија, како да е со тебе Гугл Мапс, го знае секое ќоше од земјава. За секоја кривина има по една приказна“, раскажува Трајковски.

Филмот за Џамбазов се снима веќе една година, а процесот ќе трае уште толку сигурно. Режисерот вели дека со голема љубов се работи на ова дело, без никаква финансиска поддршка засега.

Предизвик е да се работи и со него. Џамбаз е некоја поблага верзија од маестро Александар, така да штом го преживеав него верувам ќе излезам на крај и со Игор. Треба само да си трпелив со него. Кога не сум сигурен околу некои работи, испраќам абер до Калифорнија, Сан Франциско кај неговата сестра Татјана Џамбазова. Сепак таа го знае најдобро од сите“, додава тој.

Трајковски една вечер прочитал во медиумите дека Џамбазов е хоспитализиран и веднаш тргнал да го бара, затоа што бил сигурен дека е лажна вест.

Тропав силно на вратата кај него дома. По некое време ми отвори, а јас задишан: Игор. Е не бе, комшијата е, ајде влагај, ми рече. Тогаш сфатив со какви работи се соочува еден човек како него“, истакна нашиот режисер.

Остатокот од интервјуто, прочитајте го ОВДЕ

Интервјуто е направено од страна на Јорданчо Цветаноски 

Посетено 859 пати